На денешен ден, 5 Мај, го одбележуваме Денот на македонскиот јазик, денот кога во 1945 г. со Решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни истата година, е усвоен и правописот на македонскиот јазик.
Содржината продолжува под рекламата
Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со основоположничките дела на великанот на македонскиот јазик, Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик, како и со ангажманот и делото на македонскиот деец во стандардизацијата на македонскиот литературен јазик и особено во развојот на граматичарското дело, кој е автор на првата Македонска граматика – Круме Кепески.
Содржината продолжува под рекламата
Македонскиот јазик е темелот на македонскиот идентитет. Круната на неговата кодификација е 5 мај 1945 г., денот што денес го прославуваме. Иако првпат е прогласен за службен јазик во нашата држава на 2 август 1944 г., на Првото заседание на АСНОМ, континуитетот во развојот на македонскиот јазик го следиме уште од X-XI век, кога во црковнословенските ракописи се појавуваат првите типично македонски зборови. Тој развој продолжува низ вековите, со засилено навлегување на македонскиот народен јазик во ракописите од крајот на XVI век. Во XIX век веќе се појавува и јасна свест за посебноста на македонскиот јазик и за неговото место во јазичното семејство на светот, свест што кулминира во делото „За македонските работи“ од Крсте Петков Мисирков, објавено во 1903 година.
Можеби ќе ве интересира: