5 Мај – Денот кога беше усвоена македонската азбука: Симбол на идентитет, култура и отпор

Pravopis makedonski

На денешен ден, 5 мај 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Република Македонија, официјално беше усвоена азбуката на македонскиот јазик – историски чин кој означи круцијална пресвртница во развојот на македонскиот идентитет, писменост и културна самобитност.

Во таа азбука, во тие 31 буква, е впишана не само јазичната форма туку и духот на еден народ. Во историската приказна за македонските букви се огледуваат вековните стремежи, генијот и истрајноста на јазичните, книжевните и културните дејци, кои низ бурната историја се бореле да зачуваат и изразат македонската мисла на свој јазик.

Agria

Проучувањето на македонската писменост ги открива длабочините на еден јазик кој се развивал низ векови, отпорен на асимилации, политички и културни притисоци. Азбуката е многу повеќе од збир на симболи – таа е жив доказ за постоењето, отпорот и духовната цврстина на македонскиот народ. Таа е прозорец кон колективната душа на една нација.

По усвојувањето на азбуката, во 1947 година беа направени првите измени и дополнувања на македонскиот правопис, а во 1969 година се објавува значајното издание на „Правописот на македонскиот јазик“, изработен од група истакнати лингвисти: Блаже Конески, Бојан Видоески, Томе Димитровски, Круме Тошев и Ристана Угринова-Скаловска. Овој правопис во 1970 година беше дополнет со Правописен речник со 30.000 зборови. Последната ревизија на ова издание беше објавена во 1998 година, а во 2015 беше промовиран нов правопис, со второ издание во 2017, под редакција на Живко Цветковски, Славица Веновска-Антевска, Симона Груевска-Маџоска, Елена Јачева-Улчар и Славе Саздов.

Овој современ правопис, достапен од декември 2017 година на www.pravopis.mk, е првпат понуден во електронска, бесплатна и пребарлива форма – иницијатива што ја поддржа тогашната Влада, како дел од заложбите за афирмација на македонскиот јазик.

На 5 мај 2021 година, четири години подоцна, Министерството за образование и наука и Министерството за култура го направија достапен и „Толковниот речник на македонскиот јазик“ во шест тома, кој бесплатно може да се користи преку интерактивната платформа makedonski.gov.mk.

Овој значаен датум, 5 мај, беше официјално прогласен за „Ден на македонскиот јазик“ на 130. седница на Владата, одржана на 16 април 2019 година.

Денес, кога се одбележуваат 80 години од усвојувањето на македонската азбука, се навраќаме на суштинската важност на јазикот како столб на националниот идентитет, како алатка за создавање култура и како симбол на постојан отпор кон заборавот.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: