Основното училиште во село Бузалково да не биде подрачно училиште, туку да добие посебен правен статус, побара денеска градоначалникот на Велес Аце Коцевски.
„Во училиштето во Бузалково во моментов учат 397 ученици во 17 паралелки, во подрачното училиште во Сливник, 90 ученици во 5 паралелки и во подрачното училиште во селото Клуковец, 51 ученик во 4 паралелеки. Вкупниот број на ученици изнесува 538, кои се распоредени во 26 паралелки во оваа учебна година“, рече градоначалникот Коцевски.
Според него, законот дозволува секое училиште кое има над 18 паралелки да добие статус на самостоен правен субјект.
„Јас верувам дека Советот на Општина Велес ќе ја прифати иницијативата и понатаму постапката ќе продолжи пред надлежните органи, прво во Министерството за образование и наука, а потоа и во Владата, за да може следната учебна година да ја дочекаме подготвени. Со тоа ќе обезбедиме повисок квалитет на организирање на воспитно образовниот процес во овој дел од нашата општина“, смета Коцевски.