Компанијата Агриа, како долгогодишен партнер на Општина Велес и поддржувач на образовниот развој, додели четири стипендии на најуспешните ученици и студенти за учебната 2024/2025 година.
Стипендиите за средношколци се доделени на двајца ученици, еден од Гимназија „Кочо Рацин“ и еден од ОСУ „Димитрија Чуповски“. Стипендиите за студенти, исто така, се доделени на двајца, едниот студент на медицина, а другиот на факултет за фармација. Добитниците на стипендии се избрани врз основа на постигнатиот успех, заложбите и амбициите за понатамошно образование.
Финансиската поддршка ќе се доделува месечно во времетраење од 9 месеци и ќе ги покрива материјалните потреби на учениците односно студентите.
Оваа активност е дел од континуираната соработка помеѓу компанијата Агриа и Општина Велес, а која успешно се спроведува веќе четврта година по ред. Компанијата планира и во иднина да инвестира во млади таленти и да го зголемува бројот на стипендии.
„Континуираната инвестиција во образованието претставува еден од темелите за одржлив развој на нашето општество. Доделувањето на овие стипендии е наш начин да покажеме дека ги препознаваме и поддржуваме трудот и талентот на младите луѓе,“ истакнаа од Агриа.
Компанијата Агриа останува посветена на својата мисија за поддршка на образованието и создавање можности за младите да го реализираат својот потенцијал.