Официјалните ветеринари и инспекторите за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведуваат вонредни засилени контроли пред велигденските празници.
За утврдените недоследности со вонредните контроли изречени се казни во висина од 3650 евра во денарска противвредност и издадени се 22 решенија со наредби за нивно отстранување.
„Во услови на зголемена побарувачка на храна пред претстојните празници, апелираме до граѓаните да бидат одговорни потрошувачи и да пазарат само од одобрени/регистрирани оператори за храна кои се под контрола на инспекциските служби на Агенцијата. Да се внимава на декларациите на производите, нивното означување и рокот на употреба и температурниот режим на чување, особено на леснорасипливите, бидејќи во спротивно тие може да бидат небезбедни за граѓаните“, велат од Агенцијата.
Ги охрабруваат граѓаните секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната, да ја пријават во Агенцијата, лично, телефонски на бесплатниот телефонски број 0800 3 22 22, или електронски на [email protected].