За 80 деца или за 15 проценти во однос на лани се намалил бројот на запишани првоодделенци во основните училишта во Велес. Во шесте општински училишта за учебната 2020/2021 година досега во прво одделение се запишале 429 деца, за разлика од лани кога во прво одделение тргнале 509 ученици.
Најмногу првоодделенци има во ООУ „Васил Главинов“, каде што се запишале 161 дете. Но, тука е и најголемиот одлив на првачиња, бидејќи недостигаат 40 деца во однос на ланската бројка, кога во прво одделение тргнале 201 ученик. Од вкупната бројка зашишани првачиња годинава, 114 ќе учат во централното училиште во градот, а 55 деца школувањето ќе го започнат во петте подрачни училишта, од кои најголемо е она во село Бузалково, каде што се запишани 29 првачиња.
Во ООУ „Блаже Конески“ годинава се запишани 111 првачиња или 22 помалку од лани. Во новоформираното училиште „Панко Брашнаров“ годинава ќе учат 69 првоодделенци, од кои во централното училиште 57 и уште 12 во трите подрачни училишта.
Најмалку првачиња од четирите градски училишта има во ООУ „Кирил и Методиј“. Таму во прво одделение се запишале 61 ученик или 14 помалку од лани. Од нив, 55 деца ќе учат во централното училиште, а шест ученици се запишале во подрачното училиште во село Црквино.
Одлив на првачиња има и во ООУ „Стојан Бурчевски Буридан“ од село Иванковци. Таму годинава во прво одделение се запишале осум ученици, три помалку од лани.
Единственото училиште во општина Велес во кое е забележан пораст на бројот на првачиња е ООУ „Рајко Жинзифов“ од село Горно Оризари. Годината 25 првачиња ќе го полнат своето образование, што е зголемување за четири деца во однос на ланската учебна година.
Одливот на првооделенци се пресликува и кај средношколците. Намалувањето на запишани ученици во прва година е ист како и кај првачињата – 80 ученици. Во четирите средни училишта во Велес годинава се запишани 464 полуматуранти, за разлика од ланските уписи, кога имало 544 ученици.
Најголем одлив на средношколци има во ОСУ „Јовче Тесличков“ или попознато како „Економска“, каде намалувањето е за дури 73 отсто. Лани во ова училипте се запишале 52 полуматуранти, а годинава само 14.
Една четвртина помалку ученици во однос на лани има во Гимназијата „Кочо Рацин“. Таму годинава се запишале 110 полуматуранти и недостигаат 36 ученици во однос на лани, кога средното образование го почнале 146 ученици.
Намалување на бројот на ученици во прва година има и во ССОУ „Димитрија Чуповски“ кај велешани попознато како „Хемиска“. Годинава таму се запишале 125 ученици, за разлика од ланските 150 полуматуранти, кои таму го започнале средното образование.
Единственото средно училиште кај кое што има зголемен интерес за запишување е ССОУ „Коле Неделковски“ или поранешен „УЗУС“. Таму годинава се запишале 215 полуматуранти или 19 повеќе од лани.
Можеби ќе ве интересира: