Анализа на Пепи Манасков: После една ваква лоша сликa треба да бидеме искрени, против Египет нема што да бараме

Pepi Manaskov
Pepi Manaskov

Самата неизвесност и фактот дека во последен момент обезбедивме пласман на Светското првенство може да биде еден фактор што вака делувавме вечерва. Сигурно тоа што во рок од 24 часа требаше да се отпатува за Египет и да се игра на првенството влијаело психолошки кај ракометарите, еден вид на шок. Верувам дека и подготовките не биле на завидно ниво без разлика што одигравме и две контролни средби со Чиле, на кои не бевме ни комплетни. Пријателски натпревар е сосем различен од официјален, анализира во интервјуто за 24rakomet.mk велешанецот и поранешен репрезентативец, Пепи Манасков.

Zito akcija 640x289px

Натпреварот против Шведска не ми покажа дека Македонија е подготвена за настап на едно големо натпреварување. Се гледа дека поединци се неподготвени за вакво ниво на натпревари, одбраната денеска ни беше ужасно лоша, полу-контра и контра не функционира, немавме ниту еден брз гол. Комплетно играта се сведува на Лазаров, за кој соиграчите како да не се свесни дека е во залезот на кариерата и дека ова најверојатно му е последно големо натпреварување. Препознатлива негова игра, бараше шанса на пикер со Стоилов. Фокусот беше насочен на нив двајца во првото полувреме и додека тоа поминуваше се држевме во игра. Но истовремено бевме и лимитирани, се држевме по десната страна додека левата беше комплетно пасивна.

Agria

Кузмановски и Талески не беа на потребното ниво, немавме шутеви од надворешна линија. Се обиде Брестовац по 15-тина минути да направи комплетна промена на бековската линија, но познавајќи ги играчите – Мишевски не е напаѓач, во Вардар игра одбрана, Танковски нема доволна минутажа во Еурофарм Пелистер… преслаб квалитет за едно Светско првенство за да можеш да дадеш придонес. Ако на ова се додаде и дебитантскиот грч, фактот дека за првпат им се дава шанса и сериозно се смета на нив, сето тоа ја донесе оваа слика против Шведска и заврши како што заврши.

Ќе биде тешко за играчите и психолошки и физички, а и за стручниот штаб, ова не е мал пораз, 12 гола разлика. Митревски добро бранеше во почетокот на мечот, но нормално кога не функционира одбраната и голманот паѓа. Во второто полувреме и Томовски имаше неколку интервенции, но сето тоа беше задоцнето, на осум-десет негатива и не влијаеја на самата игра… Се обидувавме два-три напади со ’седум на шест’, но Швеѓаните брзо не прочитаа. Тие играа плитка одбрана, ја повлекоа одбраната кога видоа дека немаме шут од девет метри и се фокусираа на линијата и кога тука нè затворија останавме без одговор. Нивната транзиција не најдовме начин да ја запреме и кога ќе ве наттрча противникот и ќе ви даде толку лесни голови се губи и желбата за докажување. Се мачевме да дадеме гол, а примавме лесни погодоци и тоа нè уби психолошки.

И Шведска е десеткувана и е буквално без првиот состав на ова СП, а како одиграа. Четириесет минути беа со втор состав, а во финишот одиграа и со некои играчи кои се во трет план и секој од нив ја заврши својата работа. Ние имаме многу за мислење и за анализирање, но и мора да се помириме со фактот дека имаме дефинитивно смена на генерација и потребно е време и многу многу натпревари за овие играчи кои ќе го носат дресот на А тимот добро да се испотат и да го оправдаат изборот на селекторот.

После една ваква лоша слика денеска треба да бидеме искрени, против Египет нема што да бараме. За еден ден не верувам дека многу ќе се смени, додека Египет е домаќин, доста добра репрезентација, компактна и добро покриена на сите позиции. Имаат одлични бекови, високи, корпулентни играчи, кои играат силна агресивна одбрана, одличен голман и со ваква игра ќе биде многу тешко да се носиме со нив.

Чиле ја гледаме и потајно се надеваме дека е нашата шанса за пласман во вториот круг, но ни против нив нема да биде лесно. Прашање е колку на контролите во Скопје реално ги открија своите адути. Истовремено и тие нас не гледаат како шанса за тие да продолжат понатаму и ќе биде неизвесно. Велиме дека Чиле е аутсајдер, но и со него ќе треба добро да се испотиме. Денешната игра не ми дава за право да кажам дека сме фаворити против било кој противник.

Текстот е преземен од 24rakomet.mk

Moжеби ќе ве интересира:

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: