Судот на честа при Лекарската комора, на денешната седница одлучи привремено да му ја одземе лиценцата за работа на д-р Ваљтон Дервиши, специјалист анестезиолог, вработен во ЈЗУ Клиничка болница Тетово, информираат во Лекарска комора.
„Лиценцата за работа на докторот привремено се одзема за период од седум години, што согласно правните прописи е максимална казна што може да се изрече за етички прекршок во работењето. Судот на честа утврди дека докторот сторил повреда на Кодексот на медицинска деонтологија на ЛКРСМ, како и Меѓународниот кодекс на медицинска етика“, наведено е во соопштението на Лекарската комора.
Оттаму потсетуваат дека докторот на медицина, својата професија треба да ја врши совесно и одговорно со почитување на човековото достоинство и дека тој е должен да ги почитува и штити правата на пациентите и да ја чува нивната доверба и тајност на медицинските податоци.
„И најстручниот лекар не е доволно добар лекар, доколку не ги почитува етичките норми и правила. Нема да дозволиме дигнитетот и угледот на докторите да бидат загрозени од неодговорно однесување на поединци во фелата“, се додава во соопштението.
Претходно МВР соопшти дека докторот снимал и објавувал пациенти на Тик ток. Тој објавувал лекарски персонал и пациенти на кои им се пружала лекарска помош, по што полицијата го привела.
Можеби ќе ве интересира: