Поранешниот претседател на Скопскиот кривичен суд Владимир Панчевски ќе лежи две и пол години затвор. Апелациониот суд ја потврди пресудата на велешкиот суд, но му ја намали затворската казна за една година, од првичната пресуда на судот во Велес. Ова доаѓа откако Панчевски се жалеше на пресудата на велешкиот суд, кој лани во август го осуди на три и пол години затвор. Со оваа пресуда, Панчевски е се поблиску до одлежување на затворска казна, бидејќи пресудата на Апелациониот суд е конечна и правосилна.
„Апелациониот суд Скопје по повод жалбите на обвинетиот Владимир Панчевски од Скопје, изјавена лично и преку бранител Петро Јанура адвокат од Скопје, со Пресуда КЖ-746/20 од 14.07.2021 година, пресудата на Основниот суд Велес К.бр.242/19 од 04.08.2020 година ја преиначи во делот на одлуката за кривичната санкција, на начин што обвинетиот Владимир Панчевски од Скопје, кој со првостепена пресуда е огласен за виновен за кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ од чл.353 ст.2, в.в со ст.1 и чл.45 од Кривичниот законик, согласно наведената одредба, како и одредбите од чл.4, 32, 33, 35 и 39 од Кривичниот законик, СЕ ОСУДУВА на казна затвор во траење од 2 (две) години и 6 (шест) месеци, во која казна согласно чл.47 од Кривичниот законик му се засметува и времето поминато во притвор, сметано од 15.07.2020 година до 04.08.2020 година. Во останатиот дел, првостепената пресуда е потврдена“, соопштија од Основен суд Велес.
Содржината продолжува под рекламата
Екс-претседателот на „скопска единица“ Владимир Панчевски се бранеше од слобода. Лани, на денот на објавувањето на првостепената пресуда, му беше укинат притворот кој го одлежа 20 дена.
Содржината продолжува под рекламата
Панчевски е осуден, бидејќи, како прв човек на скопскиот кривичен суд, ги злоупотребувал системот за електронска распределба на предмети наречен АКМИС и рачно, по сопствена желба бирал судии, кои ќе ги судат предметите на тогашното СЈО.
Него го судеше велешкиот суд поради конфликт на интереси на скопскиот кривичен суд, кој Панчевски го водеше. Тој речиси цела година не се појавуваше на судењата, по што судот му изрече притвор.
Можеби ќе ве интересира: