Апелација утре ќе одлучува за жалбите на Обвинителство за куќниот притвор на двајцата поранешни градоначалници

Кривичниот совет на Апелацискиот суд во Штип утре ќе одлучува по жалбите на Основното јавно обвинителство Кочани за куќниот притвор на двајцата поранешни градоначалници на Кочани, Ратко Димитровски и Николчо Илиев, кои се дел од осомничените во истрагата за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во кој животот го загубија 59 лица, а речиси 200 се повредени.

Zito akcija 640x289px

Ова за државната новинска агенција МИА го потврдил претседателот на штипска Апелација, Тони Делев, откако Кривичниот совет од Основниот суд во Кочани ги прифати жалбите на осомничените градоначалници и првично одредената мерка ефективен притвор од 30 дена им ја замени со куќен притвор.

Agria

На ваквата одлука кочанското Основно јавно обвинителство вложи жалба до второстепениот суд. Дополнително, затворскиот притвор ѝ беше заменет со куќен и на поранешната директорка на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Анета Симеска-Димоска, но за неа Обвинителството не поднесе жалба.

Таа, како што информираа вчера од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, во жалбата пред Основниот суд во Кочани изнела околности и причини поради кои надлежното обвинителство се согласило дека мерката куќен притвор е адекватна, поради што нема да се жали пред повисокиот суд во Штип.

Во врска со жалбите на Обвинителството за двајцата ексградоначалници на Кочани, претседателот на штипска Апелација вели дека предметот кај нив пристигнал денеска и Кривичниот совет ќе го разгледува утре и веднаш ќе одлучува. Одлуката, како што кажал тој, ќе биде објавена на веб-страницата на Судот.

Во притвор засега останува актуелниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов, кој по трагедијата поднесе оставка од функцијата.

За пожарот во Кочани тамошното Основно јавно обвинителство отвори истрага против 27 физички и три правни лица. Во рамките на истрагата осомничени се од управители, закупци, сопственици на клубот, до поранешен министер, функционери и вработени во Министерството за економија, Државниот пазарен инспекторат, тројца градоначалници на Кочани (еден актуелен во оставка и двајца поранешни), како и член на бендот ДНК и вработени во Агенцијата за обезбедување што била ангажирана во локалот.

Обвинителство побара, а Основниот суд во Кочани им одреди 30-дневен притвор на 24 од осомничените, а за тројца дополнително ќе се постапува бидејќи сè уште се наоѓаат на лекување од повредите што ги здобиле критичната ноќ.

Од кочанскиот Основен суд денеска преку писмено соопштение информираа дека по донесените 24 решенија за определување на мерката притвор биле поднесени 22 жалби од осомничените.

„По жалбите постапуваше Совет од тројца судии (од член 25 став 5 од Законот за кривична постапка) на Основен суд Кочани и одлучи за 19 осомничени жалбата да се одбие и остане определената мерка притвор, додека за тројца осомничени мерката притвор е заменета со куќен притвор и согласно член 144, член 146 став 1 точка 3 од ЗКП е определена и мерка на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница односно забрана за нејзино издавање. Против две од решенијата, со кои е заменета мерката притвор со куќен притвор, од страна на Основното јавно обвинителство се поднесени жалби, по кои постапува Апелациониот суд во Штип. Против едно од решенијата на Советот од тројца судии (од член 25 став 5 од ЗКП) на Основен суд Кочани со кое е преиначена мерката притвор со куќен притвор, нема изјавено жалба и истото е правосилно“, се вели во соопштението од Основниот суд Кочани.

За потсетување, во одвоена истражна постапка што ја отвори Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) се осомничени седум поранешни високи полициски службеници, кои, исто така, се товарат за незаконско постапување во врска со лиценцата што му била издадена на клубот во Кочани. Ним Основниот кривичен суд Скопје, кој е единствено надлежен да постапува по предметите на ОЈО ГОКК, веќе им одреди 30-дневен притвор.

Со полициските службеници вкупниот број на досега осомничени за трагедијата во Кочани е 34 физички и три правни лица.

Во пожарот што се случи во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани на 16 март загинаа 59 лица, а околу 200 повредени се лекуваат во болниците во земјава и во странство.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: