Вчера во 11:20 часот на наплатната станица Сопот на автопатот Скопје-Велес, полициските службеници од Секторот за внатрешни работи Велес извршија приведување на 65-годишен скопјанец.
Според информациите од МВР, врз основа на претходно добиени оперативни сознанија, полицијата извршила преглед на патничкото возило “Опел” со скопски регистарски ознаки кое го управувал К.П.К.
При прегледот биле пронајдени и одземени вкупно 940 парчиња огномет за кои приведениот не поседувал соодветна документација. Дополнително, по извршените проверки е утврдено дека лицето има решение за привремена забрана за вршење на дејност.
Приведениот е сместен во полициска станица, а за случајот е известен надлежниот јавен обвинител. По документирањето на настанот, против К.П.К. ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.