Кошаркарите на Борец Баскет извојуваа голема победа над тимот на Струмица во рамките на четвртото коло од Втората кошаркарска лига, совладувајќи ја со 73:69 и по четири кола останаа непоразени, на врвот на табелата.
Натпреварот во Струмица изобилуваше со пресврти и неизвесност до крајот. Во првото полувреме домаќините водеа, но велешани го стигнаа водството и на полувреме се замина со нерешен резултат. Клучна за победата на Борец Баскет беше последната четвртина, во која велешани направија разлика од +9. Сепак, домаќините не се предадоа и на една и пол минута до крајот намалија на два поени разлика, но немаа сила за комплетен пресврт. На крајот пресуди црвстата одбрана и мирната рака од линијата за слободни фрлања на кошаркарите на Борец Баскет.
Најефикасен во таборот на велешани беше Стојменов кој постигна 18 поени, Виларов додаде 14, а Брчков 12. Солидна партија имаа и Бојчев со 8, Карталовиќ со 7, Котевски со 6 и Павлов и Ивковиќ со по 3 поени.
Во следното коло Борец Баскет се сретнува со уште еден фаворит за првите четири места на табелата, скопски Ангели, но наместо во Велес, натпреварот ќе се игра во Скопје, поради затоплената сала на скопјани. Возвратната средба во Велес ќе се одигра напролет, во вториот дел од првенството.
Во другите натпревари вчера Ролинг 08 – Шкупи 61:110, Ангели – Куманово 2 96:74, Баскет КАМ – Пробаскет 100:56, а средбата Феникс 2010 – МКК Куманово е одложена.
ТАБЕЛА: Борец Баскет 8, Ангели 8, Шкупи 5, Феникс 2010 5 (-1), Струмица 5, Куманово-2 4 (-1), Баскет КАМ 4 (-1), Ролинг 08 4, Про Баскет 3 (-2), МКК Куманово 2 (-1)
Можеби ќе ве интересира: