Во вистинска спортска драма, синоќа во Скопје тимот на Ангели извојува минимална, но исклучително значајна победа од 79:78 против Борец Баскет, во првиот четвртфинален натпревар од плеј-офот во Првата кошаркарска лига. Натпреварот беше решен во последната секунда, кога домаќините погодија победнички кош буквално со звукот на сирената. Сепак, сето тоа можеби нема да биде крајната приказна од оваа средба.
Од редовите на Борец Баскет денес беше поднесена официјална жалба до Кошаркарската федерација на Македонија, поради – како што велат – „контроверзниот финиш и нерегуларности во последните секунди од натпреварот“. Од велешкиот клуб сметаат дека крајот на натпреварот бил одбележан со судиска грешка што директно влијаела на резултатот.
Дали жалбата ќе има ефект и дали КФСМ ќе одлучи да преземе мерки – останува да се види. Во меѓувреме, серијата продолжува со втор натпревар во среда во Велес, каде домаќините ќе имаат шанса да се реваншираат и да изборат „мајсторка“, додека Ангели ќе се обидат да го потврдат полуфиналето.