Фудбалските прволигаши во забрзан ритам среда – недела го продолжуваат првенството. Овој викенд на програмата е 15. коло од ПМФЛ, кое ќе го отвори велешки Борец, кој ден порано од останатите, во сабота (05.12.2020, 13 часот) на Градскиот стадион „Зоран Паунов“ го пречекува лидерот и единствената непоразена екипа во ова првенство, екипата на Шкендија.
Велешани во средата им се вратија на победите, кога по голема борба и со пресврт ја совладаа цврстата екипа на Струга Т.Љ со 2:1. Победата го врати Борец на четвртата позиција на табелата, но ја врати и атмосферата во клубот, по двата порази по ред.
Борец е еден од ретките тимови со кои Шкендија има негативен скор во меѓусебните дуели, а тетовчани во претходното првенство не помина добро во Велес, кога двата меѓусебни натпревари ги загубија со 1:0 и со 4:2. Во двата натпревар одиграни во Тетово, Борец запиша еден пораз во претхдното и едно реми во тековното првенство, со што вкупно, Борец е подобар во меѓусебните дуели, бидејќи има две победи, една нерешена средба и еден пораз, но има негативна гол разлика од 6:7.
Со победа, Борец може дополнително да и се приближи на третопласираната Македонија Ѓ.П., а Шкендија да ја загуби лидерската позиција. Со нерешено, велешани можат да паднат место подолу, а тетовчани да се израмнат на врвот со Шкупи, а пораз за Борец може да значи пад од две места, а зацврстнување на Шкендија на врвот. Сето ова најавува интересен и неизвесен меч меѓу овие две екипи.
„Натпреварот со Шкендија ќе биде предизвик за нас. После победата со Струга, верувам дека ќе се вратиме во колосек и дека со Шкендија ќе излеземе мотивирани и желни за победа. Во досегашните 14 кола тие немаат пораз што доволно говори за нив како и за лидерското место кое го имаат. Ги респектираме, очекувам дека играчите, без разлика кој ќе истрча, ќе го дадат својот максимум и да се обидеме Велес и стадионот „Зоран Паунов“ да останат неосвоени“, изјави Горазд Михаилов, тренер на Борец.
Еден од адутите на Михаилов на овој натпревар ќе биде играчот од средниот ред Трајче Трајков, кој беше човекот на одлука против Струга Т.Љ., фудбалерот кој од белата точка, на три минути пред крајот, му ги донесе трите бода на својот клуб.
„Во сабота против Шкендија не очекува тежок натпревар, но ние сме подготвени и максимално мотивирани да дадеме максимум, да не загубиме бодови. Кога ги гледаме дуелите со Шкендија од ланската сезона имаме подобар скор од нив и сум убеден дека можеме да ја повториме играта од ланската сезона и да дојдеме до позитивен резултат за нас“, изјави Трајче Трајков.
Кај Борец неизвесен е настапот на Фернандо Силва кој се повреди на натпреварот со Струга Т.Љ, но тренерот Михаилов верува дека ќе го има во составот. Во строј се враќа Ѓоре Ѓорѓиев, кој се опорави од повредата, поради која отсуствуваше на два натпревари.
Средбата Борец – Шкендија се игра во сабота од 13 часот пред празните трибини на Градскиот стадион „Зоран Паунов“, но со директен пренос на МТВ.
Можеби ќе ве интересира: