Заврши репрезентативната фудбалска пауза, па македонските прволигаши викендов се враќаат на терените. На програмата е 12. коло од ПМФЛ, кое во сабота (21.11.) го отвора велешки Борец, кој на својот стадион го пречекува најтрофејниот македонски клуб Вардар.
Велешани од горниот дел на табелата го пречекуваат овој дуел. Со евентуална победа, тие ќе го задржат позитивниот скор од три натпревари без пораз. Од друга страна, Вардар сезонава игра променливо и во последните пет кола има само една победа, но и само еден пораз, со три одиграни ремија.
Во првото коло од тековното првенство Борец го совлада Вардар во Скопје со 1:0, но Вардар е единствената екипа која во минатото првенство успеа да ги однесе трите бода од Велес. Токму тоа, според стратегот на велешани Горазд Михаилов, е мотивот плус за неговата екипа, која на овој натпревар нема да може да смета на услугите на Фернандо Силва, кој има пет жолти картони.
„Натпреварот со Вардар е предизвик за нас од два аспекта. Првиот е за да ја продолжиме позитивната серија и, секако, оној лански единствен пораз на домашен терен после две години. Играчите се максимално подготвени, паузата ја искористивме добро, верувам во квалитетот кој го поседуваме и ќе влеземе максимално мотивирани да забележиме триумф. Вардар на почетокот имаше проблеми околу играчкиот кадар, но како одминуваше шампионатот се консолидираа и сигурно ќе дојдат со императив да победат. И покрај отсуството на Силва, немаме проблеми околу составот и верувам дека овој Борец е кадарен да одигра квалитетно и забележи победа“, смета Михаилов.
Покрај неиграњето на Силва, неизвесен за мечот со Вардар е и Станковски кој се жали на повреда и не е целосно подготвен за игра. Сепак, во нападот се враќа Никола Радовиќ кој го пропушти последниот натпревар со Пелистер, па се очекува заедно со Прелчец да бидат закана за голот на скопјани. Токму хрватскиот интернационалец Прелчец е еден од адутите на Михаилов во нападот на Борец. Сезонава на 11 натпревари постигна два гола, но е далеку од просекот во претходното прекинато првенство, кога со девет постигнати голови во 23 натпревари, заврши на делба на второто место на листата на стрелците.
„Тренираме добро и подготвени сме за овој натпревар. Вардар е добра екипа и ќе мораме да одиграме многу добра партија за да победиме. Се надевам дека ќе победиме и ќе продолжиме со добри претстави и собирање бодови, Ги повикувам навивачите на Борец да не гледаат преку директниот пренос на МРТ 1“, изјави Прелчец.
По 11 одиграни кола, Борец е четврти со 19 бода, два помалку од третопласираната Македонија Ѓ.П., четири од второпласираниот Шкупи и шест бодови заостанување од лидерот Шкендија. Од друга страна, Вардар е осми, со шест бодови заостанување зад велешани. Победа за Борец ќе значи и место погоре на табелата најмалку еден ден, бидејќи останатите натпревар се играат в недела. Во нив се сретнуваат Работнички – Македонија Ѓ.П., Шкендија – Шкупи, Силекс – Беласица, Академија Пандев – Пелистер и Струга – Ренова.
Натпреварот Борец – Вардар е закажан за сабота (21.11.) во 13 часот на Градскиот стадион „Зоран Паунов“, а ќе го суди Марјан Маркоски од Охрид. Љубителите на фудбалот ќе имаат можност да го проследат низ директен пренос на МРТ1.
Можеби ќе ве интересира: