Претседателот на Собранието Талат Џафери, по паузата од еден час и 15 минути која ја даде за пратениците, ја почна седницата во празна сала. Тој обраќајќи се кон режијата на Собранискиот канал, побара да се покаже слика од празната сала и побара доследност од пратениците да бидат навремени, точни и да се вратат во салата да продолжат со работата за да се создадат услови да продолжи седницата.
„Не сум вреќа за удирање и стрес некој да средува свој. Јас сум претседател. Да бидеме точни, конзистентни за мене нема потреба од академско доцнење. Има пратеници во прв мандат кои уште не ги разбираат предусловите“ се обрати Талат Џафери до пратениците кои задоцнија.
Тој претходно влезе во расправа со пратеничката Гордана Силјановска, која му забележа дека стартот на седницата се одолжил за еден час. Тогаш Џафери и реплицираше дека тој стигнал уште пред 9 часот и не се доцни по негова вина. По паузата, Џафери, реагираше дека тој и сега е на време, но поголемиот дел од пратениците ги нема.
„Паузата беше до 15 часот и 15 минути. Еве, нека се покаже салата да се види дека ги нема повеќето пратеници. Тие што бараа да бидеме точни, треба да го почитуваат тоа и самите“, рече Џафери.
Можеби ќе ве интересира: