Поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски го повика сегашниот директор Бојан Христовски да ги декласифицира документите со цел македонската јавност да дознае кој предлагал, барал, одобрувал и кој извршувал наводни прислушкувања.
По вчерашната изјава на премиерот Мицкоски, но и потврдата на Христовски дека претходното раководство на АНБ вршело наводни злоупотреби на државни ресурси за прислушкување на политичари, бизнисмени и новинари, Димовски денес преку објава на социјалната мрежа „Фејсбук“ реагираше дека се изнесени сериозни обвинувања.
Димовски во објавата потенцираше дека во периодот од 2019 до 2022 година, кога лидерот на тогашната опозиција (сега премиер) бил споменуван како таргет, АНБ не спроведувала никакви оперативни мерки против него. „Тој не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата, ниту пак бил дел од организирана оперативна работа,“ наведува поранешниот директор.
Како што додава, во тој период Агенцијата водела постапки единствено во рамки на законските надлежности за преиспитување на безбедносни сертификати, при што била поднесена и кривична пријава против тогашен и сегашен пратеник поради оддавање класифицирани информации.
Димовски дополнително додаде дека случајот бил ставен на дневен ред и во собраниската Комисија за надзор на работата на АНБ и Агенцијата за разузнавање.
„Очекувам дека овојпат нема да има криење со изговори од типот “класифицирани информации со степен на државна тајна”, посебно после последните неколку објави во некои “информирани медиуми” кои лифериваат конкретни имиња на лица кои наводно биле таргет на Агенцијата, вклучително и податоци за идентитетот на вработени и тајни соработници“, поранешниот директор Димовски.