Напаѓачот на џамиите во Крајстчрч, Брентон Тарт денеска е осуден на доживотен затвор без можност за условна казна за убиството на 51 муслимански верник во 2019 година на Нов Зеланд.
Судијата Камерон Мандер рече дека зад „изопачената“ идеологија на Тарант лежи „силната омраза“ што го натерало да ги нападне мажите, жените и децата кои не можеле да се одбранат.
„Задачата на судот е решително да го потисне ова зло од омраза“, рече судијата Мандер, изрекувајќи ја казната, прва од ваков вид во судската пракса во Нов Зеланд.
Судијата, забележувајќи дека муслиманската заедница во Нов Зеланд платила висока цена, рече дека сторителот на ужасниот масакр сепак не успеал да ја промовира екстремно десничарската идеологија.
„Бевте суров и немилосрден. Вашиот чин беше нехуман“, рече судијата.
На 15 март 2019 година, австралискиот бел расист Брентон Тарт ладнокрвно уби 51 верници во две џамии во тој град на Нов Зеланд за време на петочната молитва, предизвикувајќи бран осуда ширум светот.
Тој беше прогласен за виновен за 51 убиство, 40 обиди за убиства и терористички напад, откако се изјасни за виновен во март.
Главниот обвинител Марк Зарифех оцени дека ваквиот масакр „не се памети во историјата на злосторствата во Нов Зеланд“.
„Ова е несомнено најлошото убиство во Нов Зеланд мотивирано од цврсто вкорената расистичка и ксенофобична идеологија“, рече тој.
Доживотен затвор е „единствената соодветна казна“ за Тарт, заклучи Зарифех.
Можеби ќе ве интересира: