Се поголем е бројот на медицински персонал од велешката болница заразен со коронавирус. Вкупно 14 вработени во болницата се позитивни на ковид-19. Коронавирус имаат четворица доктори, од кои двајца се интернисти, еден е психијатар и еден е доктор секундарец на одделот за анестезија, соопштина од велешката болница.
Позитивни на вирусот се и три медицински сестри, по една од интерно, очно и детско одделение. Коронавирус имаат тројца рентген техничари, две хигиеничарки и по еден администратор и фармацевт.
Во последното деноноќие во Велес се регистрирани нови 47 случаи на коронавирус, но и 12 оздравени пациенти. Со тоа, бројот на активни случаи денеска изнесува 577.
На инфективното одделение во велешката болница денеска има 52 пациенти, од кои 47 се со потврден позитивен тест, а петмина се сомнителни случаи. Вкупно 15 пациенти имаат потешки симптоми на вирусот и добиваат кислородна поддршка.
Поради исполнетоста на „заразно“, пациенти со ковид-19 се хоспитализираат и на интерното одделение. Таму има 16 пациенти, од кои 12 се сомнителни случаи, двајца имаат потврден позитивен тест, а двајца се негативни, но имаат тешка клиничка слика и наод за масивна пневмонија. На ова одделение тројца пациенти добиваат кислород.
Со новозаразените велешани, вкупниот број на инфицирани од почетокот на пандемијата до сега во Велес надмина илјада, односно вкупно 1013 велешани се заразија со коронавирус. Досега оздравеа 400, а 36 пациенти починаа како последица на вирусот.
Можеби ќе ве интересира: