ЕСМ доби 61 милион евра за енергетската криза, МЕПСО ја дигитализира мрежата

pari evra
pari evra

Со прераспределба на буџетски средства АД ЕСМ вчера доби 61 милион евра за домашното производство на енергија и за надминување на последиците од енергетската криза, а АД МЕПСО почна процес на дигитализација на преносната мрежа, со почетна инвестиција од околу пет милиони евра. Од Владата истакнуваат дека во услови на актуелната енергетска криза е особено важна стабилноста на преносот на податоците, како и инвестициите во целиот енергетски сектор.

Zito akcija 640x289px

Најновата телекомуникациска опрема што евеќе во функција во АД МЕПСО треба да обезбеди брз, стабилен и точен пренос на податоци, непречена испорака на електрична енергија и минимизирање на ризикот од каков било прекин при преносот во случај на хаварии или лоши временски услови. Техничките перформанси на досегашната опрема која датира од 2004 година, веќе не нудат опции кои би одговориле на дејноста.

Agria

Содржината продолжува под рекламата

Премиерот Димитар Ковачевски на промоцијата на проектот истакна дека најсовременото решение за телекомуникациска опрема и далечински мониторинг на трансформаторските станици во МЕПСО значи дека ќе имаме сигурен пренос на електрична енергија, што во услови на криза е исклучително важно. – Целта е да се обезбедува брз и точен пренос на податоци, непречена испорака на електрична енергија и ризикот од прекин да се сведе на минимум, истакна Ковачевски.

Тој очекува догодина да почне изградба на уште една 10-мегаватна соларна централа во Осломеј, каде на  локацијата на поранешните наоѓалишта на јаглен веќе работи фотонапонската електрана од 10 мегавати во сопственост на ЕСМ.

-Сончевите електрани ќе бидат двигатели на енергетската транзиција во Северна Македонија. Пред почнување со градба се фотонапонските централи по пат на јавно-приватно партнерство со ЕСМ во Осломеј, со инсталиран капацитет од 100 мегавати, а во 2023 година очекувам да почне со градба и уште една 10 мегаватна соларна централа во Осломеј од страна на ЕСМ, рече Ковачевски.

Идниот месец во Собранието треба да се достават неколку закони за стратешки инвестиции во оваа област. Преку тој концепт, се обезбедени над 1 000 мегавати во проекти за изградба на фотонапонски и ветерни централи. Во ЕСМ, како што информираше премиерот, се финализираат и други проекти за изградба на фотонапонски централи во РЕК Битола, со капацитет помеѓу 200 и 300 мегавати, а во наредните две години треба се пуштат во употреба сите 130 мегавати на фотонапонски електрани, по пат на премиуми за кои се потпишани договори во изминатите две години.

Со Одлуката што ја усвои вчера Собранието за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите за 2022 година, се прераспределуваат  5,15 милијарди денари, обезбедени по основ на заштеди на ставки што не се приоритетни и каде има помала реализација од планираната, како и од средства што не се реализирани во програми согласно механизмот КАПЕФ.

-Целта на прераспределбата е да се одговори на предизвиците од актуелната енергетска и ценовна криза. Затоа и најголемиот дел од прераспределните средства  3,75 милијарди денари се насочени во програмата за мерки за справување со Ковид 19 и други антикризни мерки, односно тие ќе бидат насочени кон ЕСМ за производство на електрична енергија од домашнтие капацитети, со што се овозможува пониска цена за крајните потрошувачи на регулираниот пазар, односно домаќинствата и околу 70 илјади компании, како и средства за нови антикризни мерки, образложи недодамна министерот за финансии Фатмир Бесими.

Како дел од активностите за обезбедување редовна испорака на топлинска енергија во Скопје, генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски и вчера ја повика топланата „Скопје Север“ да го потпише договорот за деловно-техничка соработка  за да може да и се испорачува топлинска енергија. ЕСМ законски не може да ја субвенционира цената за топлинска енергија како што побарала топланата.

Директорот Ковачевски истакна дека топланата треба да ги среди сите формално-правни работи, прво со РКЕ, а потоа да го потпише договорот, и како што најави ЕСМ ќе додели дел од средствата од наменската сметка со пари што ги има дадено Владата за справување со топлинската криза, и ќе се испорача топлинска енергија  за „Скопје Север“ АД.

Претходно, ЕСМ соопшти дека од „Макпетрол“ обезбедиле природен гас за првата половина од месецов за топланите „Исток“ и „Запад“ и за цел месец за КОГЕЛ во подружница „Енергетика“. Не е извршена набавка за ТЕ-ТО која за ноември обезбедила гас за својот режим на работа, но треба да влезе во системот за топлинска енергија за град Скопје.

За понатамошниот период ќе се побараат нови понуди од заинтересираните фирми за снабдување, и тоа за топланите „Исток“ и „Запад“, за КОГЕЛ во „Енергетика“ и за евентуално ангажирање на приватната гасна електрана ТЕ-ТО од страна на АД ЕСМ. Во следните денови, според најавите, ЕСМ Дистрибуција на топлина ќе потпише и договор со ТЕ-ТО за ноември за преземање на топлинската енергија од оваа електрана, која ќе треба да влезе во системот на топлинска енергија за градот Скопје. Облазложение за набавката на гас за пократок временски период е падот на цените на природниот гас на берзите. Очекувањата на ЕСМ се дека ќе се обезбедат поповолни услови, пред се, финансиски, доколку се набавува сукцесивно за последователни покуси периоди.

Според шефицата на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во земјава, Берглјот Баркбу, се очекува инфлацијата да се смири. Притисокот на глобалните цени на енергијата и храната веќе се намалува и се очекува и понатамошно намалување, но сепак,  како што вели Баркбу,  инфлацијата е се уште висока и веројатно ќе има потреба од натамошно затегнување на монетарната политика.

– Зголемувањето на инфлацијата е светски феномен, ги одразува високите цени на енергијата и храната, исто така одразува и некои подолготрајни логистички нарушувања од пандемијата. Тоа е особено присутно во земјите како Северна Македонија, бидејќи храната и енергијата заземаат голем дел од потрошувачката кошничка и затоа инфлацијата е висока, рече во телевизиско интервју шефицата на Мисијата на ММФ.

Можеби ќе ве интересира:

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: