Врз основа на собраните изјави, службени извештаи и пријавата доставена од Комисијата за млади категории во рамки на ФФМ, Првостепената дисциплинска комисија на ФФМ отвори и заврши неколку дисциплински постапки во согласност со Дисциплинскиот правилник (ДП) на ФФМ.
„Најтежок инцидент се случи на крајот од натпреварот, кога играчот на ФК Шкупи со број 9, Абдуљи Леарт, физички го нападна противничкиот играч, нанесувајќи му сериозни повреди. Согласно член 43 став 2 од Дисциплинскиот правилник, со кој се санкционира физички напад со потешки последици, му е изречена најстрога санкција – исклучување од фудбалската организација“, објави ФФМ
„Уште двајца играчи на ФК Шкупи – Рамадани Ибрахим (бр. 5) и Новобрдалија Амар (бр. 30), исто така се вклучија во инцидентот и извршија физички напад. Против нив е поведена постапка согласно член 43 став 1, по што им е изречена казна – забрана на играње во траење од три (3) месеци.
Дополнително, беше утврдено дека играчот на ФК Брегалница со број 4, Гоцев Симеон, се впушти во груба игра и пречекорена самозаштита, реагирајќи на нападот. За неговата постапка, која спаѓа под член 40 од ДП, му е изречена казна – забрана на играње на четири (4) натпревари“, е одлуката на Дисциплинската комисија.
Поведена е и дисциплинска постапка против екипата помлади пионери на Шкупи „поради физички напад од страна на родители/навивачи врз противнички играчи, со што е сторен тежок прекршок од страна на навивачи/гледачи“, како и против Брегалница „поради слаба организација на натпреварот и пропуст во обезбедувањето“, исто така конкретно за екипата во категоријата помлади пионери.
Пред малку, Основното јавно обвинителство во Штип ја информираше јавноста дека поднела кривична пријава против родителот на фудбалерот на Шкупи кој предизвика инцидент од невидени размени на младински натпревар и нападна дел од младите фудбалери на Брегалница.
Инцидентот се случил во моментот кога синот на напаѓачот добил црвен картон од страна на главниот судија по што во револт нападнал противник на теренот пред да се приклучи неговиот татко кој продолжил со насилство и нападнал и други деца со тупаници кои резултираа и со потешки последици и беа примени во штипската болница.
„Осомничениот извршил грубо насилство на 24 август на стадионот Бело Брдо во Штип, за време на фудбалски натпревар меѓу младинските екипи на фудбалските клубови Брегалница и Шкупи. Со дејствијата тој ја загрозил сигурноста на две деца родени 2010 година, играчи за тимот на Брегалница, нанесувајќи им телесни повреди. Освен тоа, кај оштетените, останатата присутна публика и во јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв.
Настанот се случил во 89-тата минута од натпреварот, која судијата поради прекршок (фаул) доделил втор жолт картон со што го исклучил од игра синот на осомничениот, кој играл за Шкупи.
Незадоволен од одлуката, најпрво синот се однесувал неспортски и со тупаници и со удар со нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на Брегалница. Тогаш на теренот влегол таткото и со тупаници и клоци започнал да ги удира двете деца, нанесувајќи им телесни повреди – повеќе набиеници и скршеница на нос без дислокација. На игралиштето влегле и други лица од публиката, кои спречиле натамошна ескалација на настанот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Штип поднесе предлог за определување мерка притвор за осомничениот, имајќи го предвид видот и сериозноста на кривичното дело против јавниот ред, опасноста од бегство на осомничениот и можноста за повторување на делото“, стои во соопштението на ОЈО.