Здружението на фудбалски клубови од Првата и Втората фудбалска лига на Македонија преку соопштение до јавноста реагираше на начинот на распределба на средствата од страна на Министерството за Спорт.
Поголем дел од клубовите се незадоволни од начинот на финансирањето и субвенциите во областа на спортот, како и неисполнетите ветувања на актуелниот ресорен министер Борко Ристовски. Реакцијата на фудбалските клубови ја пренесуваме во целост:
Почитувани, Сакаме да Ве запознаеме подетално со настаните во врска со финансирањето и субвенциите во областа на спортот.
На почетокот од месец Ноември 2024 година одпочна со реализацијата на Програмата – Субвенции од областа на спортот за 2024 година, која требаше да претставува замена за Ваучер системот кој се спроведуваше од страна на Агенцијата за Млади и Спорт, која како таква прекина да постои со формирањето на Министерство за Спорт. Беше објавен повик за доставување на потребни Обрасци и прилози кон нив, за утврдување на исполнетоста на критериумите за распределба на средствата од Програмата.
Веднаш со почеток на исплатата на средствата најголем дел од фудбалските клубови како од првата, така и од втората фудбалска лига, реагираа во поглед на висината на средствата. Во реакцијата беше ставен акцент како тоа се прескокна една цела натпреварувачка година 2023/2024 во поглед на субвенционирањето на спортот во Македонија, и како тоа фудбалот стана четврт (4) спорт по рејтинг во поглед на доделените средства. По што следуваа два состаноци со министерот за спорт на кои од страна на министерот и неговиот советник за финансии ни беше укажано дека е направена ненамерна грешка со рејтингот на фудбалот како спорт и дека исплатата на средствата од сега ќе оди во три етапи, па така грешката, во смисла на висината на средствата ќе биде корегирана со наредните исплати, во март и септември 2025 година. Во поглед на критериумите за висината на средствата доделени на клубовите (на кого колку) ни беше потенцирано дека единствен критериум е пласманот на табелата од претходната сезона на сениорскиот тим и дека не се предвидени средства за третолигашите и другите пониски лиги, за фудбалските школи кои немаат сениорски тимови ниту пак за клубовите што се натпреваруваат во мал фудбал (футсал). Во врска со транспарентноста и објавувањето на то кој колку добил или колку ќе добие, бевме известени дека се чека изготвување на веб страна на Министерството за Спорт, на која ќе бидат објавени сите потребни информации. Ова вака предвидено и осмислено требаше да претставува подобра замена за Ваучер системот и нов начин за фер и транспарентно субвенционирање на спортот.
На истиот состанок беше ветено дека околу 20ти Декември 2024 година, Министерството за спорт ќе има прилив на средства од Игрите на среќа и истите во најголем дел ќе бидат исплатени во фудбалот.
Следствено на сето ова, сеуште во недостиг на веб-страна на Министерството за спорт до денес 04.01.2025 година, ниту било какво соопштение или објава на листа од страна на министерството за вкупниот износ на средствата распределени како дел од програмата, кој спорт колку добил или треба да добие, кој клуб колку добил или треба да добие, единствен извор на информации ни претставува веб страната на Министерството за Финансии, односно страната на Отворени финансии. Самоиницијативно, пробавме да видиме што се случило со ветеното на одржаните состаноци и наидовме на следните податоци: Минитерството за спорт во месец декември 2024 година исплатило средства во висина од 114.710.000,00 денари.
Податоците се достапни за секого и во детален преглед може да се види распределбата на средствата, точните износи и датумот кога се исплатени.
Нашата реакција е во насока на договореното на состаноците и спротивностите со тоа, не сакаме ова да биде протолкувано поинаку и да предизвика некаков раздор помеѓу клубовите, ниту пак да добие некаква политичка димензија, единствено сакаме да потенцираме на некои нелогичности и да добиеме одговори на неколку нејаснотии.
Во деталниот преглед на трансакциите во месец Декември 2024 година се забележуваат исплати кон фудбалски клубови од третата фудбалска лига и тоа во износи поголеми од тоа што добиле повеќето втолигаши, потоа може да се забележат дополнителни трансакции кон клубови од првата и втората лига како и некои фудбалски школи што не се натпреваруваат во сениорска конкуренција.
Со ова соопштение во наше име и во име на заинтересираната јавност бараме одговори на неколку прашања од Минестерството за спорт:
– Дали распределените средства во месец Декември 2024 година се дел од средствата од игрите на среќа, како што беше договарано и според кои критериуми истите се доделувани?
– Зошто постои селективност во изборот на клубови кои добиле средства баш во овој период на полусезона кога на сите клубови има се подеднакво потребни?
– Како може тимови кои се натпреваруваат во трета лига да добијат поголеми износи од оние кои се втората лига?
– Дали министерството може во јавност да ги презентира критериумите и да објави детална листа на исплатени средства во спортот?
– Како и кој има дискреционо право да одлучува, кому, колку и кога ќе распределува средства од Буџетот?
Се надеваме на поддршка од спортската јавност, сепак спортот пред се треба да обединува.
СПОРТСКИ ПОЗДРАВ !