Прехранбените производи и некои од пијалаците што имаат ознака „гарантирана цена“ ќе се продаваат по истите цени до крајот на годината место до крајот на ноември, а на трговците повторно ќе им биде дозволено да организираат акциска продажба и на прехранбени производи. Министерот за економија, Крешник Бектеши, попладнево извести дека Владата на денешната седница го продолжила рокот за намалените гарантирани цени за еден месец и ја укинала забраната за акциска продажба на храна.
„Одлучивме мерката за намалување на цените и ознаката ‘гарантирана цена’ да продолжат до крајот на годината. Место до 30 ноември, таа да важи до крајот на оваа година, а дотогаш, најверојатно, ќе го имаме новото законско решение, кое ќе забрани нефер трговски практики. Тоа значи дека потрошувачите ќе бидат обезбедени и нема да може да се прават злоупотреби во делот на цените на производите што беа наведени во претходната одлука. Сите прехранбени производи, безалкохолните пијалаци, алкохолните пијалаци опфатени со одлуката за намалување на цените и со ознаката ‘гарантирана цена’ мора да ги имаат највисоките цени од 1 август до крајот на оваа година намалени со дополнителни 10 % во согласност со одлуката“, рече министерот Бектеши.
Мерката „гарантирана цена“ беше воведена во септември годинава кога некои беа утврдени големи разлики во цените кај разни трговци. Рокот е продолжен до крајот на годината до кога министерот Бектеши очекува да биде усвоено новото законско решение, кое ќе спречи нефер практики во трговијата, кое за кратко време ќе биде пратено во собраниска процедура.
Можеби ќе ве интересира: