Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат зборуваше за соработката со ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори и рече дека за Албанците во земјава сè уште е тешко да го голтнат ВМРО на Груевски.
На прашањето, дали соработката со оваа партија им одзела гласови, како што оцени пратеникот од Алтернатива, Скендер Реџепи-Зејд, тој одговара дека треба да се види во анализите.
„Ќе треба да видиме, но да бидеме искрени, кај албанскиот дел, бидејќи долго време ВМРО на Груевски се однесуваше многу лошо со Албанците и тоа остави тешки последици и таа цена ја плаќа и ова актуелно ВМРО. Значи, не можеме да кажеме дека е сè нормално во перцепцијата на Албанците кон ВМРО. Ние како албанска коалиција мислам дека сме направиле многу добра работа за општата политичка сцена, се трудиме да ја нормализираме сцената, да не ги нарекуваме македонските политички партии, едната антиалбанска, а другата повеќе проалбанска, итн. Мислам дека тоа не ни оди во прилог, ни како Албанци, ниту како граѓани да се служиме со таков речник. Но, очигледно е дека за Албанците сè уште е тешко да го голтнат ВМРО на Груевски“,рече Гаши.
Околу тоа кој е неговиот став за евентуална идна Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со оглед на ставовите на партијата и лидерот Христијан Мицкоски за Преспанскиот договор и односите со Бугарија, Гаши вели дека нема политичка сила во земјава што може да го промени евроатлантскиот курс.
„Било СДСМ, било ВМРО во меѓународниот кампус, зборувам за ова ВМРО, актуелното, јас сум уверен дека евроатлансткиот пат курс би се зачувал на истиот начин.Јас мислам дека нема ниедна политичка сила во земјата што може да го промени овој курс. Може да има нијански за тоа како можеме да се однесуваме во однос на одредено прашање, но нема политичка сила што може да го промени евроатлантски курс на државата”, вели Гаши во синоќешното гостивање во емисијата 360 степени, на ТВ Алсат.
Извор на веста: 360stepeni
Можеби ќе ве интересира: