Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, поранешен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, го реакатуализира барањето за смена на лидерот на оваа партија, Христијан Мицкоски.
Јанчев, претставувајќи се како претендент за нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ, преку својот фејсбук-профил, повика на протест пред „белата палата“ во Скопје, кој би се одржал в понеделник напладне. Протестот, како што вели, е со цел да се повика на оставка на Мицкоски.
Барањето за оставка на Мицкоски и за одржување вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ беше актуелно во текот на летото, откако ВМРО-ДПМНЕ освои помалку пратенички места од коалицијата „Можеме“ на изборите на 15 јули, а лидерот на опозициската партија не успеа да влезе ниту во преговори за формирање на новата влада.
И покрај најавеното повлекување доколку ги изгуби изборите и не успее да формира влада, Мицкоски, набрзо по изборот на новиот кабинет на Зоран Заев, повика на протести, кои во изминатиот период редовно ги организира опозициската партија, на различни теми.
Во меѓувреме, стивнаа повиците за негова оставка, кои му ги испраќаа повеќемина поранешни партиски функционери, меѓу кои и оние што беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ или сменети од партиските функции, за време на внатрепартиските превирања околу референдумот за името во 2018 година и донесувањето на уставните амандмани.
Меѓу сменетите од функции во ВМРО-ДПМНЕ, кон крајот на 2018 година, беше и Јанчев, кој замина од потпретседателското место во партијата. Летово тој најави преземање на лидерската позиција во опозициската партија, за што, според него, треба да се одржи вонреден конгрес.
Преземено од 360stepeni.mk
Можеби ќе ве интересира: