Хрватскиот интернационалец Еди Баша е нов фудбалер на велешки Борец. Се работи за 27-годишен крилен напаѓач, кој играл во повеќе клубови во елитните првенства во Хрватска, Словенија и БиХ.
Баша во Велес доаѓа откако две и пол години ги бранеше боите на словенечки Копер. Претходно има настапувано за хрватските тимови Новиград, Цибалија, Јадран Пореч, Истра и Ровињ, а има играно и за познатите босански клубови Железничар и Широки Бријег. Според интернет страницата transfermarket.com, вредноста на Баша во моментов на фудбалскиот пазар изнесува 150.000 евра.
Сепак, според информациите на rezultati.com Баша во последно време не се изнаиграл. Во новата сезона на словенечката лига, за Копер не одиграл ниту една минута, односно во сите 19 натпревари бил надвор од составот. Минатата сезона му била многу подобра, кога на 19 натпревари за словенечкиот прволигаш постигнал и 10 голови. Според истиот извор, една од неговате најдобри сезони била 2016/17, кога во дресот на хрватска Цибалија на 36 натпревари постигнал седум голови.
Се очекува Баша да ја пополни празнината во тимот на Борец, која се создаде откако еден од најдобрите поединци на велешани во еснскиот дел Марјан Ристевски реши да го напушти тимот и да замине во редовите на Работнички. Освен Ристевски, во мини преодниот рок Борец го напуштија и голманот Бурхан Мустафа, играчите од средниот ред Оливер Пеев и Михајло Митров и напаѓачите Никола Радовиќ и Марио Станковски.
Во меѓувреме, Борец го засили тимот со одбранбените играчи Александар Борха кој дојде од Пелистер и Лука Трајковски кој во Велес стигна од редовите на Тиквеш, а го купи и довчерашниот голман на Беласица Дејан Силјановски, кој беше стандарден на голот на струмичани во првите 11 кола од тековното првенство, но во последните седум кола, на пет не беше во составот, а на последните две средби седеше на клупата за резервни играчи.
Борец подготовките за пролетниот дел ги почнува утре, а велешани имаат закажано неколку контролни натпревари и тоа на 16 јануари против Академија Пандев во Струмица, на 21 јануари во Велес со Работнички, на 27 јануари против Тетекс на домашен терен, на 3 февруари ќе гостува во Штип кај Брегалница и на 7 февруари ќе ја пречека екипата на Каменица Саса. Пролетниот дел на Првата македонска фудбалска лига продолжува на 14 февруари, кога Борец во Велес го пречекува есенскиот вице-првак Шкупи.
Можеби ќе ве интересира: