Одбојкарките на Виола Волеј утре го започнуваат својот настап во Втората одбојкарска лига за жени, воедно означувајќи историски камбек на женската одбојка во Велес по цели 15 години.
На домашен терен, во спортската сала на ООУ „Блаже Конески“, Виола Волеј ќе се соочи со екипата на Виктори Волеј. Натпреварот, кој ќе започне во 11 часот, претставува прв официјален меч за клубот во рамки на лигашкото натпреварување и симболичен нов почеток за овој спорт во градот.
Овој натпревар не е само дебитантски настап за Виола Волеј, туку и спортски празник за сите љубители на одбојката во Велес, кои по повеќе од една деценија ќе имаат можност повторно да уживаат во женска одбојка на домашен терен.