Судијката Елена Илиевска Јосифовиќ пред донесување на пресудата со која изрече вкупно 52 години затвор за убиството на ракометарот Денис Тот, образложи дека најверодостоен доказ за таа да се одлучи да изрече осудителна пресуда се снимките од безбедносните камери. Во постапката за убиството на ракометарот Тот како доказ имаше две снимки, една од безбедносните камери на дискотеката „Привилиџ”, а друга од камерите на „Сејф сити”. Судијката Илиевска Јосифовиќ образложи дека и на двата видео-записи се гледаат ударите на обвинетите.
„Најверодостоен доказ за тоа дека е сторено кривично дело убиство се видео-записите од безбедносните камери на дискотеката „Привилиџ”, како и „Сејф сити” каде се гледаат сите дејствија на обвинетите и оштетениот. Од траумата на главата која оштетениот ја добил од ударите дошло до пореметување на мозочните регии, по што настапила смрт”, рече судијката од Основниот кривичен суд која ја водеше постапката за овој предмет.
Клементина била најупорна и го удира неколку пати во главата и градите, а бидејќи имала завршено медицинско училиште била свесна за последиците. Го прикриле фактот дека го тепале пред Итната Медицинска помош, односно делувале со евентуална умисла бидејќи биле свесни за последиците од своето заедничко дејствување.
При одлучување за видот и одмерување на висината на кривичната санкција, како што истакна таа, Судот ги имал предвид сите отежнувачки и олеснувачки околности.
„Како отежнувачки околности за сите тројца обвинети Судот ги имаше предвид степенот на кривичната одговорност, повредата на заштитното добро изразено преку настапената последица на еден млад човек пред кој бил животниот пат на остварување на личен и професионален план е лишен од живот, рече Илиевска Јосифовиќ.
Покрај овие отежнувачки околности за обвинетиот Анџело Ѓорѓиевски и обвинетата Клементина Левковска судот го имал предвид и нивниот поголем придонес во извршување на кривичното дело.
„Односно, обвинетиот Анџело Ѓорѓиевски му ги задава првите удари и тоа токму во главата од кои оштетениот, кој бил спортист и физички силен, веќе паѓа на земјата и понатаму е во бесознание, што само по себе, како што претходно е потенцирано, зборува и за силината на овие удари, а доколку не биле овие удари, не би следувале ниту останатите дејствија кои потоа следеле. По падот на оштетениот на земја следува крајно упорната Клементина, која продолжува и во неколку наврати и со неколку удари го удира оштетениот со нога во глава и градите“, образложи Илиевска Јосифовиќ.
Во насока на отежнувачки околности Судот, според неа, го ценел и однесувањето на тројцата обвинети по стореното дело, кои ниту пред екипата на Итна медицинска помош не пријавуваат дека тие му задале удари на оштетениот и во кој предел од телото, ниту пак настанот го пријавуваат во полиција критичната вечер.
Како олеснувачки околности Судот ги ценел околностите што обвинетите се млади, невработени и неосудувани лица, кои што изразиле жалење за настанот.
Законскиот застапник на сега покојниот оштетениот Денис Тот, неговиот татко Игор Тот, предјави имотно правно барање, кое Судот, имајќи ги предвид изготвените вештачења најде дека имотно правните барања по основот по кој истото се побарува е основано, а по однос на побаруваните износи во целост го прифаќа онака како што е поставено за оштетените Игор Тот и Татијана Тот, а делумно износот за оштетениот Борис Тот.
„Оттука, Судот согласно член 114 став 2 од Законот за кривична постапка ги задолжува обвинетите солидарно на секој од законските застапници на покојниот оштетен Денис Тот и тоа мајката Татијана Тот и таткото Игор Тот да им го надоместат имотно правното барање и на име на нематеријална штета, односно справедлив паричен надоместок за смрт на нивниот син да им платат износ од по девет милиони денари, а на оштетениот братот Борис Тот солидарно да му платат износ од осум милиони денари, а сето тоа во рок од шест месеци сметано од денот на правосилноста на пресудата“, посочи судијката.
Одбраната на обвинетите за убиство на хрватскиот ракометар Денис Тот најави жалба за пресудата, додека, обвинителството смета дека фактите се правилно оценети.
Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.
Во текот на доказната постапка, обвинетите, најпрво, изјавија дека не се чувствуваат виновни.
Обвинителството потоа изведе докази кои се однесуваа на обвинителниот акт. Беа изведени материјални докази помеѓу, меѓу кои и видео-снимка од конкретниот настан, сведоштва на очевидци на настанот, како и на вешти лица од областа на судската медицина и психијатријата.
Одбраната во текот на доказната постапка, преку изведените докази и изјави за медиуми, алудираше на преквалификација на делото, бидејќи, според нив, во кривичното дело „убиство” за кое се товареа обвинетите, недостасува умислата.
Тие, исто така, испрашуваа очевидци на настанот, како и вешти лица од областа на психијатријата и психологијата, а на нивен предлог сведочеа и лекарите кои го лекувале оштетениот Денис Тот по приемот на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување.
Можеби ќе ве интересира: