Моторџиите на возраст од 24 и 36 години, кои попладнево со моторцикл и четирицикл се судрија во центарот на Велес, на С`рмаале, поминаа со лесни и површни повреди.
Сообраќајната несреќа се случи попладнево околу 15:20 часот. Тогаш и Итната медицинска помош од Велес добила повик, а нивна екипа пристигнала веднаш на местото на инцидентот.
„Двете момчиња имаа повреди на глава, а едно од нив имаше и поврди на рака и нога. Веднаш им е пружена медицинска помош и транспортирани се во Општа болница Велес на понатамошно испитување и лекување“, рече др. Васе Пановска Поп Стефанова, началник на Итната медицинска помош Велес.
На двајцата повредени во велешката болница им биле направени испитувања, по кои не се констатирани тешки повреди.
„И двајцата се со површни повреди и ќе бидат пуштени на домашно лекување“, рече др. Весна Николовска Неделкова, портпарол на Општа болница Велес.
И покрај честата контрола од сообраќајната полиција по градските улици, речиси да нема ден без сообраќајна несреќа во Велес, во која најчесто учествуваат возачи на моторцикли.
Можеби ќе ве интересира: