Првата средба со родителите на Вања беше во ЕБР центар, а таткото Александар беше чудно и конфузно и беше потиштен. Мајката беше поприбрана, објасни сведокот на Обвинителството Музафер Калишиќ, помошник началник на СВР Скопје кога се случи убиството на Вања Ѓорчевска, на денешното рочиште за случајот со убиствата на малолетното девојче и велешанецот Панче Жежовски, кое денеска продолжи во Основниот кривичен суд во Скопје.
Со испитување на сведоци на предлог на Обвинителството во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. На денешното рочиште ќе сведочат Музафер Калишиќ и Ристе Самарџиев.
Калишиќ во сведочењето истакна дека таткото на Вања, Александар Ѓорчевски бил конфузен во изјавите.
„Мајката беше посталожена. Првиот впечаток за таткото беше чуден за мене но и за другите колеги, по разговорот анализиравме дека тој беше конфузен, потиштен во многу изјави“ рече Каришиќ, кој тогаш тој бил Помошник началник на СВР Скопје за криминалистички работи.
Калишиќ рече дека потрагата се одвивала заедно со таткото и со роднина на семејството. Прво биле во Капиштец во еден од семејните станови.
„Мајката бараше да се оди, да се прави претрага, но тој рече дека веќе бил таму и нема зошто да се оди. Станот беше во Капиштец, влеговме во подрумските простории, во гаражата, се качивме со лифт во зградата, станот го отворивме со клучеви, баравме дали има некакви детали, но Александар цело време велеше дека ќерка му е киднапирана и бараше да се преземат други мерки. Тоа траеше пет-десет минути во станот, баравме да не се сокрило девојчето некаде, потоа се вративме во возилото. Јас се јавив и барав информации кој дел не е пребаран, ми кажаа дека Капиштец, и ние тргнавме да пребаруваме“ рече тој.