Кеги Моби за два дена врза две победи во првенството и со тоа скоро да го обезбеди опстанокот во Првата македонска футсал лига. Вчера на гостувањето во Скопје, го совладаа тимот на Шкупи со резултат 6:4.
Иако домашниот состав поведе во 3 минута преку Зејнели, велешани беа тие што го имаа водството на полувреме од 3:1. Дукадиновски, Ахмедов и Гаштев беа стрелци. Во вториот дел домаќините заиграа подобро и веќе во 30 минута го израмнија резултатот на 3:3. Со автоголот на Укшини, Кеги Моби поведе со 4:3, а Мемедов во 36 минута го израмни резултатот на 4:4.
Велешани во финишот го искористија, ризичното играње на домашниот состав, па со головите на Кирил Ивановски и Ахмедов, Кеги Моби ги освои трите бода од скопски Чаир.
По 15 одиграни кола, Кеги Моби сега се искачи на 8 место со 17 освоени бода или 8 повеќе од местото кое води во понизок ранг.