Љатифе Шиковска, е жената Ромка, која ќе седне во новиот парламент. За граѓанскиот сектор таа не е непозната, веќе 20 години како директор на невладината организација „Амбрела“ е на теренот, каде се обидува да помогне на најранливите категории од ромската заедница. Сега, како што вели, нејзиниот предизвик ќе биде политиката и како може да и помогне на заедницата на која припаѓа. Делата допрва ќе се видат, за нив е рано да се зборува. Но, дали Љатифе ќе успее да направи нешто или како многу жени политичарки, кои сите овие години поминаа низ собраниското столче и без поголеми резултати го поминаа мандатот, се уште не се знае.
За порталот mms.mk таа вели дека, како човек кој многу добро ја знае состојбата на терен ќе се обиде теоријата да ја претвори во пракса и конечно работите да ги стави на место најпрво во заедницата, а потоа и за се понатаму.
За вас велат дека сте првата жена Ромка, која го потенцира тоа, која влегува во парламентот? Како се чувствувате пред да сееднете на жешкото столче, на кое ќе седите наредните години?
-Чувството е необично. Не може да се опише. И самата не сум свесна дека веќе почнувам една многу сериозна политичка кариера. Секако дека гледано од аспект на жена ќе кажам дека во последните неколку години и тоа како е значајно учеството на жената Ромка во политичкиот живот, меѓутоа ете јас на некој начин го скршив мразот и се одлучив да влезам во парламентот и како дел од него да се обидам со целиот мој капацитет и потенцијал да придонесам повеќе за нашата заедница. Свесна сум дека ќе ме чека борба, но позитивна борба во однос на креирањето на програми и проекти. Навистина сиот овој периот, од 1992 години се уште немаме конкретни и видливи промени во однос на Ромите кои живеат во Македонија и јас се надевам дека мојата заложба и борба ќе вроди со плод. Секако, свесна сум дека многу ќе ми биде важна и поддршката и од моите сопартијци и од другите колеги и колешки, да имаат повеќе разбирање и заедно како парламент да се заложиме не само за Ромите, туку генерално за граѓаните во државава. Но, имајќи го предвид фактот дека ромската заедница долги години живее во сиромаштија и тешко излегува од таа сиромаштија, јас се надевам дека еден ден тие ќе станат рамноправни учесници во однос на подобрување на животот и нивниот животен стандард, квалитетно здравство, образование, и дека навистина ке бидеме „Едно општество за сите“.
Како човек од теренот, кои ќе бидат вашите први заложби? Кој според вас е најгорливиот проблем?
-Знаете што, има многу приоритети во заедницата и за мене е се приоритетно. Но, мораме малку и пореално да ја разбереме ситуацијата. За мене најгорливиот проблем кај Ромите е личната документација, За жал некаде околу 700 официјално, а јас сметам дека таа бројка е поголема, немаат лична документација, а тука мислам на извод, државјанство, лична карта. Последниве три години се успеа да се донесе закон за лицата без документи. Ова значи дека ние тежнееме кон светско решение на овој проблем, бидејќи долги години никој не беше заинтересиран, освен граѓанскиот сектор. Сега, кога успеавме да дојдеме до Закон, кој наскоро ќе почне да се имплементира и сите тие лица кои ги регистриравме веќе се евидентирани преку прашалници, преку матичните служби од Управат за водење матични книги на родени и наскоро очекуваме да излезат обрасците, кои секое лице ке ги пополни и преку тој образец ке се добие времен матичен број, каде тие лица, додека не го добијат оригиналниот матичен број, ќе имаат право на здравство, вработување, образование, вдомување. Тоа е еден вид социјален пакет и конечно Ромите да почнат да ги уживаат сите права како и сите граѓани во државава. Толку години сум во невладиниот сектор и што се не сум видела, дури и деца кои се родиле без идентитет и починале без идентитет. Тоа е страшно за 21 век. Многу ќе бидам среќна конечно да се реши овој проблем и нема да отстапувам ,ќе притискам преку сите правни можности за да го решиме ова во период од шест месеци до година. Затоа сметам дека тоа е едно од горливите прашања. Потоа во однос на правичната застапеност во администрацијата и секако од тоа нема да отстапиме. Заев на последната средба во Шуто Оризари се ова што го зборам го кажа. И во однос на вработувањето, за да може да им биде полесно на Ромите кога ке дојдат на шалтер. Јазикот многу често им е бариера на комуникација, на шалтерите често знаат да бидат избркани, па дојди утре, па задутре. Јас тоа низ годините како човек од граѓанскиот сектор сум го гледала со свои очи. Ние ќе целиме кон тоа да имаме професионална администрација.
Кога веќе сме кај администрацијата, како човек од теренот, дали сметате дека воопшто вработувањето, а особено вработувањето по партиска линија, треба да биде според образование и квалификации, а не според национална или партиска припадност?
-За жал ова во моментов е реалност. Ние планираме тоа да го смениме. Навистина најмногу во администрацијата има партиски вработувања. Можеби мене и не би ми пречело кога би биле соодветни кадри. Навистина не треба да има партиски вработувања, бидејќи и јас како граѓанин сакам да си ја завршам работата, па не ми е важно кој е и од која партија е. Затоа сметам дека образованието е многу битно. И искрена да бидам мене цело ова време ми пречи партиското вработување, па дури имавме и случаи на административни работници кои никогаш не се појавиле на работа, а земале плата. Моите заложби се тие, можам тоа да го докажам и со факти, бидејќи јас сум човек реалист, човек од теренот, и затоа тоа не може да помине кај мене. Мислам дека ќе бидам сфатена, кога ке дојде време да се дебатира за ова, бидејки тоа не е добро ниту за граѓаните, ниту за нас политичарите. Би било од интерес партиските вработувања да престанат,иако не можеме да очекуваме дека тоа ќе се смени преку ноќ, бидејки навистина е процес. Но, сепак да внимаваме на кадрите каде ги поставуваме. Да бидат вработени според квалитет и образование, па и комуникациски вештини. Никој не треба да има привилегии. Но, верувајте ми, за жал, имаше на шалтер службеници кои не знаат што да работат, се рашетуваат. Затоа е важно да имаме вистински кадри на местата. Сум била сведок на многу ситуации, имало и тензии и инциденти, па дури и тепачки.
Целото интервју на Љатифе Шиковска за порталот mms.mk можете да го погледнете тука.
Извор. mms.mk
Можеби ќе ве интересира: