Со коледарската песна од рано утрово почнува секој Бадник. Песната одекнуваше пред домовите, а децата го најавија еден од најголемите христијански празници, Божик.
За добрата вест се наградува, а за коледарите награда се отворената врата, пречекот, радоста и обичните дарови – плодови од природата: ореви, костени, јаболка, круши, смокви, сливи и ситнурии. Се радуваат на малку и на едноставност, а тоа е добро школо за нас возрасните дека, всушност, толку и ни треба. Доволна е насмевка и радост, срдечност и љубов.
Според македонските обичаи, славењето на божикните празници започнува на 5 јануари. Вечерта спроти Бадник, првите коледари го палат коледарскиот оган и притоа се пеат песни. Утрото децата коледари пејат пред домовите. На Бадник семејството се собира и се подготвува за прослава на еден од најрадосните христијански празници, Божиќ. Негова одлика се љубовта и едноставноста. Бадник е ноќта на мирот, радоста, љубовта и сплотеноста.