Чадор, капут или гумени чизми треба да си понесете со себе за да следите културен настан во штипскиот Дом на култура „Ацо Шопов“. Иако располага со голема сала и сцена во која има услови да се организираат манифестации со почитување и на новите здравствени протоколи тоа не е можно бидејќи кровот протекува, седиштата се искинати и крцкаат, по поголеми дождови подрумот се полни со фекалии, а во зградата нема ефикасен начин на затоплување па културата во овој објект од октомври до март е ставена на чекање.
Студената сала не е новост. Се топлат со греалки оти пред неколку години исчезнале сите радијатори. Каде и како никој не знае. Никој не е повикан ниту на одговорност. Штета е велат од Домот на културата објектот изграден во осумдесетите години од минатиот век со две сцени да се остави да пропаѓа од страна на државата.
И годинава овој објект не доби пари за санација. Корона вирусот им зададе уште еден удар бидејќи се остана и без парите што ги добиваа од играорни и балетски студија за користење на просторот.
За условите во објектот по чии скали чекореле многу славни уметници и изведувачи пред две години алармираше и маестро Симон Трпчевски, но работите од тогаш не се сменија. На проблеми и пред корона кризата се жалеа и други културни институции, велат дека парите што ги добиваат од државата или општините не само што се малку за да можат да направат било што со објектите, туку не се доволни ниту за реализација на културни проекти.
Можеби ќе ве интересира: