Документарниот филм „Време, вода, наследство: Охрид“, посветен на 70-годишнината од Охридскиот пливачки маратон, ќе има свечена премиера во четврток, на 28 август 2025 година, во 21:15 часот, во предворјето на црквата „Св. Софија“ во Охрид. Особен белег на ова филмско остварување е фактот што значителен дел од креативниот тим доаѓа токму од Велес.
Велешаните, Данчо Стефков (снимател и продуцент), Димче Саздов и Зоран Ставрев (сниматели), дадоа клучен придонес во визуелниот идентитет и реализацијата на проектот, со што уште еднаш го потврдија квалитетот и ангажманот на велешката филмска сцена.
Филмот е реализиран по сценарио и во режија на Илија Пиперкоски, со монтажа на Никола Ристов, а за дизајнот на звук се погрижи Дарко Спасовски. Преку ексклузивни архивски снимки и современи интервјуа со некои од најголемите имиња на маратонското пливање, Дики Бојаџи, Теодора Раптис, Томи Стефановски, Евгениј Поп Ацев и 11-кратниот победник Петар Стојчев, се реконструира историјата и трансформацијата на маратонот низ децении.
„Време, вода, наследство: Охрид“ не е само спортски документарец. Тој е патување низ време и простори, од Охрид до Бејрут, Александрија, Капри-Неапол, Санта Фе и Парана во Аргентина, преку кое се открива зошто токму Охридскиот маратон претставува посебен предизвик и чест за секој маратонец.
Филмот нуди и поглед напред, кон прашањето што е потребно за да се роди новата генерација македонски пливачки херои. Покрај наведените спортисти, во документарецот учествуваат и Кочо Паскали, Ристе Савин, Зорица Нестор и Горан Стојановски, кои со своите сведоштва ја збогатуваат нарацијата.