Kozuvcanka Web Banner_600x200 Srekna nova 2025

Божиќно послание на митрополит Повардарски Агатангел

Agatangel
Митрополитот Повардарски Агатангел во пресрет на Христовото раѓање – Божиќ го упати своето традиционално Божиќно послание обраќајќи им се на православните верници.
Возљубени наши духовни чеда,
Денес, небото и земјата станаа еднакви по чест. Небесниот сјај го прегрна духот човечки, божествената светлина го просветли созданието, човекот се обдари со вистинско богопознание, а нашиот разум и срце, целото наше битие, се соедини со Бога. Словото, полно со благодат и вистина, стана тело и се всели во нас. Денес, во скромната витлеемеска пештера ни се роди најубавиот меѓу синовите човечки. Бог е наша сила и прибежиште, Севишниот го огради Своето живеалиште и тоа нема да се разниша довека.
Воскликнете сите народи, зашто голем цар се зацари над целата земја! Предвечниот се спушти во времето, Невидливиот стана видлив за окото, Неспознајниот се понуди на нашите сетила, Недостижниот стана секому достапен, Безпочетниот воспостави нов почеток, Неограничениот ги разруши сите граници на гревот, Највозвишениот заседна на тронот кој своето подножје го има во темелот на нашите души. Уште на самиот почеток, поттикнат од злото, од кобната и подмолна гордост, нашиот прародител Адам доживеа страшен пад, што како наследство се пренесе на сето идно човештво. Меѓу Бога и човекот настана јаз и непремостлива провалија. Предавството на прародителот падна како тешко бреме на плеќите на потомците, на идните синови и ќерќи човечки. За да се зацели овој грев, неопходен беше Господовиот лек. Спасението и помирувањето ни дојдоа по Божјо ветување. Ова го знаел и Избраниот народ, па затоа желно ја очекувал чудесната појава на Месијата. Но Кога се исполни времето, Он дојде при Своите и Своите не го примија. Во светот беше, светот преку него стана, но светот не го позна. На оние пак што го примија, на сите што веруваа во Неговото име, Тој им даде можност да станат синови Божји. Од моментот на Неговото раѓање, од моментот на соединувањето на Неговото божество со материјата која од Него е создадена, со првиот контакт на вечното и распадливото во утробата на Богородица, изобилно се излева благодатта која спојува, која го облагородува и охристовува секој оној што Новородениот Младенец ќе го вдоми во јаслите на своето срце.
Драги браќа и сестри,
Бог, Кој седи највисоко на небесата, Кој почива на херувимите, денес се роди како обичен човек. Бог, чија раскош и слава ја засенува вселената, преку само една ѕвезда го навести местото на Своето раѓање. На Божик, Господарот на небото стана поданик на земјата. Оној што го вдахновува животот, влезе во Неговата креација за да ја победи смртта која ради непослушание се беше вгнездила во природата. Оној што само со еден збор создал сè, преку Своето воплотување ја поништи слабоста на Адама. Човекот е утврден со Неговата рака, во Христа е сочувано неговото право достоинство. Секој од нас преку Новородениот Богочовек е облечен и неразделно соединет со Бога. Денес, на Божик, во нас е ископан извор на животот од кој се мие и залекува секоја болка и недостаток. Тоа не го направи ниту ангел, ниту некаков надчовек, туку Самиот Господ Исус Христос Кој во сè беше еднаков со нас, освен во гревот. Он го изгради Новиот Ерусалим од духовен камен. Среде него соѕида храм каде е собрана Неговата Света Црква. Тој е нејзиниот темел, нејзина глава и поглавар. Овде се раѓа и развива ликот на Божествениот Младенец во секоја човечка длабочина. Во Неговата Црква е клучот на секој успех, на секој напредок, на секоја сила и неустрашивост. Во црковната ризница секому му е достапна правата слобода, овде е распослан вистинскиот мир, во овој универзитет е складирано сето знаење и секоја мудрост. Овде е предвкусот на вечноста, која е награда за добродетелта. Овде го чекаме Неговото второ доаѓање, кое ќе биде радост за праведниците, утеха за Неговите верни и предани чеда.
Драги браќа и сестри Македонци,
Возљубени мои духовни чеда,
Секое време со себе си носи свои предности и опасности. Најбитно за човекот е никогаш да не ги напушти универзалните морални вредности, кои се разбира ќе траат со својата важност до крајот на светот и векот. Да не се лажеме себеси, поинаку никако не може да биде. Пред нас како човештво стојат многу искушенија, неизвесности и предизвици. Непријателите на секое добро, поттикнати од нечестивиот и неговите слуги, здружно работат на поништување на сè што е човечко. Потонати во самоизмама, која ја шират наоколу како новооткриена вистина, тие тврдат дека човекот треба да се напушти и уништи, дека треба од неговите длабочини да се истера секоја доблест, секој мир, секоја душевна убавина. Како алтернатива тие ја нудат пеколната осаменост, себичноста, неморалот во секој демонски вид и облик. Тие решиле во сè да Му се противат на Бога, да Го клеветат и обвинуваат за секоја нивна лична лошотија. Својот грев си го претставуваат како голем подвиг и достигнување, па затоа мажот лесно го претвораат во жена, а жената во маж. Своите црнила си ги сметаат за небесна белина, срамот им е пофалба, а тагата која тишти и потресува е нивна радост незауздана. На мозина од нив ова им е платена занимација, нивни животен позив, нивна секојдневна преокупација и кариера. Човекот систематски се уништува и одвнатре и однадвор. Одвнатре – преку неморал и распуштеност, а однадвор – преку расипништво, незаинтересираност и бесчувствителност. Од ваквите демонски напади не ни се поштедени ниту децата. Се претворивме во општество каде стана нормално и вообичаено покрај дворот на црквата да имаме казино, преку патот од училиштето – обложувалница, а на секој втор агол – заложна куќа со брзи кредити. Се ствара клима каде сè е дозволено, без разлика што истото никако не ни е полезно. Како генерација ни престои тешка борба за зачувување на нормалното, за спасување на себеси, за оздравување од наметнатите и напластени душевни и духовни болести. Христос се роди за да ја издигне личноста на небесните височини, за да ја заседне од десната страна на Божјиот престол и величие. Со таква чест и достоинство нè опсипа Седржителот и Создателот. Он, преку воплотениот Христос, ни даде дух на посвојување, нè направи Негови наследници и сопричасници. Како најголема награда ни го подари Неговиот мир, кој утешува и облагородува. Нам, Македонците, ни претстои време кога треба да бидеме мудри, кога треба да стоиме и опстоиме во секоја правда и вистина, кога треба да бидеме еднодушни во побожноста, кога треба да го надминеме и победиме секој раздор што нè дели, поделува и уназадува. На овој свет и благословен ден да се угледаме на Новородениот Месија и да покажеме милост и љубов кон своите ближни, кон нашите сонародници, кон нашите соседи, кон секој човек кој е создаден по Образ и Подобие Божјо. Само на тој начин, издигнати во добродетелта и полиени со Божјата благодат, ќе имаме живот овде на земјата, а ќе станеме и чеда на небесниот Отец.
Воплотениот Христос нека се всели и вечно нека остане во нашите срца и души. Македонија е земја осенета од Апостолите, облагородена од Седмочислениците, бранета, ослободена и издигната од Илинденците. На сите нив заеднички именител им била светлината Христова, која денес најсилно блесна од градот Витлеем. Го молиме Бога, оваа божикна радост што сега ја чувствуваме никогаш да не нè напушти, нека стане составен дел од нас самите, а вечно нека престојува и во нашата љубена татковина Македонија.
Христос се роди, навистина се роди!

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: