Десет години стабилен раст и индустриска сила – „Маркард Македонија“ го прослави јубилејот во Велес

„Маркард Македонија“, една од водечките индустриски компании во земјава, одбележа десет години работење со свечен настан во својот производствен погон во Велес. Компанијата, која брои над 700 вработени и бележи континуиран раст на извозот, денес е препознаена како стратешки економски играч со силно присуство и на домашниот и на странскиот пазар.

Јубилејот беше прославен во присуство на претставници од институции, партнери, вработени и гости, а вниманието беше насочено кон резултатите постигнати во изминатата деценија и визијата за идниот развој.

Agria

Генералниот директор Ирген Шмит потенцираше дека успехот на компанијата се должи на инвестициите во луѓе, технологија и партнерства. Тој најави нови развојни проекти и проширување на капацитетите, при што ја нагласи важноста на поддршката од локалната самоуправа, како и соработката со средното стручно училиште „Коле Неделковски“, преку дуалниот модел на образование кој, според него, претставува клучна алка за подготвена и стручна работна сила.


Од Делегацијата на германското стопанство во Македонија беше истакнато дека „Маркард“ е позитивен пример за долгорочна инвестиција со конкретен економски ефект, а соработката меѓу Македонија и Германија сè повеќе се продлабочува преку вакви проекти.

Заменик-министерот за економија и труд, Маријан Ристески, во своето обраќање посочи дека Владата останува посветена на креирање поволна бизнис клима и дека ваквите компании се „ветер во грб“ за македонската економија.

Настанот заврши со обиколка на производствениот погон и неформално дружење, при што присутните имаа можност одблиску да се запознаат со технолошките процеси и работната култура која „Маркард Македонија“ ја негува веќе една деценија.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: