Со значителна поддршка од фондовите на Европската Унија, Општина Велес во изминатите неколку години реализираше низа капитални и инфраструктурни проекти од суштинско значење за локалната заедница. Како дел од таа поддршка, денес градот го посети евроамбасадорот Михалис Рокас, кој оствари средби со градоначалникот Марко Колев, членовите на Општинскиот совет и младинските организации.
Меѓу најзначајните проекти финансирани со помош на ЕУ се реновирањето на старото градско кино, кое е трансформирано во модерен Европски младински центар, како и целосната обнова на централното градско јадро. Преку овој проект беше изведена првата пешачка зона, решен проблемот со атмосферските води и направена реорганизација на сообраќајот и улиците во градот.
Еден од приоритетите за иднината е изградбата на пречистителна станица на реката Вардар – капитален проект за кој веќе е обезбедена техничка документација и одобрение за градба. Проектот ќе се реализира со средства од ЕУ фондовите, а според најавите од градоначалникот Колев, постапката за избор на изведувач е во тек и се очекува изградбата да започне наскоро.
Како втор стратешки проект, се планира отстранување на нелегалните депонии, не само во Велес туку и на национално ниво, со цел заштита на животната средина и подобрување на јавната хигиена.
Рокас ја пофали соработката со Општина Велес и изрази задоволство што проектите поддржани од ЕУ веќе носат видливи резултати. Тој се заблагодари на граѓаните на Велес и на градоначалникот за нивното учество во хуманитарната трка за настраданите во Кочани, организирана минатата недела во седум градови низ државата, со поддршка од Европската делегација и Европските куќи на млади.
