Ученици од СОУ гимназија „Кочо Рацин“ од Велес вчера го посетија Кабинетот на Претседателот во рамки на активноста Отворен Кабинет.
Учениците за време на престојот во претседателскиот Кабинет се сретнаа и поразговараа со претседателот Пендаровски за неговата работа, како и за претседателските надлежности и активности.
Тие ги разгледаа и просториите во коишто се реализираат официјалните и работните средби, како и салите каде се одржуваат свечености, настани, прес-конференции, седници на Советот за безбедност, предавање на акредитивни писма од странски амбасадори.
Посетителите од велешката гимназија беа запознати со историјатот на објектот каде што е сместен Кабинетот на Претседателот, како и за начинот на функционирање на институцијата, а го разгледаа и импозантниот диптих „Македонија – светла земја“ и „Македонија памети“ на еден од најзначајните македонски уметници Глигор Чемерски, поставен на двата ѕида во Мозаик салата.
Отворен Кабинет е дел од проектот Лице в лице со Претседателот, во чии рамки досега Кабинетот на Претседателот го посетиле граѓани од различни возрасти, професии и занимања, студенти од земјава и од странство, како и ученици од основни и средни училишта.
Можеби ќе ве интересира: