Градскиот пазар во Велес ќе работи секој ден од 7 до 14 часот, освен во сабота и недела, кога полицискиот час трае деноноќно. Ова е една од одлуките на Општинскиот штаб за заштита и спасување кои ги донесе на синоќешната седница.
Проблемот со снабдувањето на граѓаните со прехрамбени производи, без притоа да се прави метеж во маркетите, ќе се решава на состанок помеѓу општината и сопствениците на маркетите. Еден од предлозите е маркетите да организираат онлајн купување со достава. Општината ќе побара од маркетите да се вклучат во акцијата за донирање на прехранбени и хигиенски производи за социјално ранливите категории на граѓани.
„Останува во сила мерката за дезинфицирање на возилата на сите влезови во Велес, со поставување на уште еден пункт за дезинфицирање на влезот во близина на ветеринарната станица. Поради непристапноста на теренот во селата С’лп и Карабуниште, од страна на Црвениот крст да се обезбедат податоци за потребите од прехранбени производи на жителите на овие села, а Општина Велес, во соработка со Територијалната противпожарна единица да изврши достава со обезбеден превоз“, велат од Општинскиот кризен штаб.
Во меѓуврмее, Општина Велес набави повеќенаменски скафандери и заштитни маски, како и заштитни ракавици и ги подели на ЈЗУ Општа болница Велес, ЈЗУ Здравен дом и Центар за јавно здравје во Велес.
Општината побара од медиумите внимателно и точно да ја информираат јавноста за состојбата со епидемијата на коронавирус.
„Со цел вистинско и навремено пренесување на информации и за да не се предизвикува паника кај населението, Општина Велес упатува апел до сопствениците на медиуми и уредниците на вести, истите, професионално да постапуваат и изворно да ги пренесуваат информациите од имателот на информацијата“, велат од Општина Велес.