Жирито во состав Јордан Витанов, Кристина Атанасова Арсова и Фаик Мефаилоски, со едногласна одлука ги додели овогодинешните фестивалски награди на 22. издание на реномираниот Интернационален фестивал на античка драма „Стоби“ за најистакнатите остварувања.
Главната награда за најдобра претстава годинава ја доби „Ифигенија за ништо“, во продукција на Драмски театар Скопје. Истата претстава освои уште две признанија, награда за режија, која му беше доделена на Филип Петковски, и награда за најдобра женска улога, што ја доби Јелена Жугиќ за интерпретацијата на ликот Клитемнестра. Наградата за најдобра машка улога му припадна на Марко Трајковиќ за улогата на Калигула во истоимената претстава на Кумановски театар.
Со оваа одлука, жирито го заокружи 22. издание издание на фестивалот, кое уште еднаш ја потврди богатата и разновидна театарска сцена во Македонија. Фестивалот ќе биде затворен вечерва со претставата „Лекција“ во изведба на Штипскиот театар, кога свечено ќе бидат доделени наградите за најдобра машка и женска улога, најдобра режија, најдобра претстава.


















