Македонскиот стрип изложен во Лесковац, Србија

Makedonski strip vo Leskovac

Вчера во Лесковачкиот културен центар, во соседна Србија, беше отворена изложбата „CAN for Balkans“, дел од истоимениот меѓународен проект во чија имплементација е вклучен и Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес. Станува збор за мултимедијална, групна изложба, која е меѓу досега најобемните во регионот, посветена на историскиот стрип на Балканот. Покрај неколкуте стотици стрип-табли на автори од Романија, Србија и Албанија, изложени се и такви во авторство на Македонци.

Содржината продолжува под рекламата

Zito akcija 640x289px

Изложбата „CAN for Balkans“ е составена од две тематски целини, од кои на првата се презентирани графичко-секвенцијални дела пристигнати на минатогодишниот меѓународен стрип-конкурс на тема „Балканот низ историјата“, на кој меѓу наградените беше и Славица Купенкова од Скопје. На втората, која е резултат од повеќегодишните истражувачки студии за историскиот стрип на Балканот, изложени се најрепрезентативните историски стрипови на романски, српски, албански и македонски автори, односно на историски стрипови од земјите од каде што се партнерските организации на проектот.

Содржината продолжува под рекламата

Agria

Од македонските стрип-автори, со свои дела на групната изложба „CAN for Balkans“ се претставени: Љубомир Филиповски, Диме Иванов-Димано, Миле Топуз, Драган Ташковски, Илија Јордановски, Дарко Богданов и Александар Стеванов, од кои последниот се јавува и во улога на истражувач и селектор на изложените македонски дела. Воедно, на изложбата беше претставена и публикација во која се објавени истражувачките студии за историскиот стрип на Балканот, со акцент на стереотипите и клишеата, вклучително и студијата на стрип-хроничарот Стеванов од Штип.

„Истражувачкиот дел од овој проект покажа и докажа дека Македонија има своја  историја на стрипот, но и дека историјата е застапена во македонската деветта уметност. Натпреварувачкиот дел , т.е. конкурсот, исто така покажа убава слика за талентот на македонските стрип-автори. Сѐ на сѐ, „Македонецот“ одамна не е „Македонче“ и во оваа културна област, наспроти тезите од т.н. „пријатели“, кои што имаат проблем со македонското културно (и стриповско) миље, македонскиот идентитет, но и јазик“, изјави Томе Трајков, стрип-промотор и член на жирито на меѓународниот стрип-конкурс организиран во рамките на проектот „CAN for Balkans“.

Изложбата „CAN for Balkans“ е поставена во Лесковац во рамките на Балканската смотра на млади стрип-автори, што годинава се одржува по дваесет и петти пат. Минатата година оваа изложба на историски стрип беше претставена и во главните градови на Белгија и Албанија, како и во Брашов, Романија. Само во Музејот на стрип во Брисел, европскиот центар на стрипот, неа ја посетија околу 30 000 вљубеници во деветтата уметност. По нејзиното затворање во Лесковац, во март изложбата ќе биде преселена во Велес, а има најави дека ќе биде поставена и во Бугарија и одново во Романија.

Можеби ќе ве интересира:

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: