МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ БАРААТ ПОГОЛЕМА ГРИЖА ОД ДРЖАВАТА ЗА НИВ

Приватните лекари бараат од надлежните здравствени институции да ги опфатат со мерки за заштита од корона вирусот. Велат дека засега се препуштени сами да се снаоѓаат со средства за дезинфекција и маски, но и протоколи за бројот на пациенти кои можат да чекаат пред ординациите. Лекарите од примарното здравство сметаат дека пациентите не се доволно информирани дека за симптомите од вирусот не треба да доаѓаат кај својот матичен лекар, туку да се јават на телефонските броеви наменети за тоа.

Zito akcija 640x289px

„Матичните доктори бараат од Министерството за здравство да донираат превентивно дезинфициенси и маски, едноставно да ја опреми првата борбена линија во целокупниот здравствен систем, бидејќи матичните доктори се столбот на овој здравствен систем. Како матични лекари, од Центрите за јавно здравје бараме под итно да достават флаери во сите амбуланти, во сите чекални, за да можат нашите пациенти да ги читаат препораките, да се информираат, да се едуцираат, да го видат бројот, затоа што сега огромен број од нашите граѓани не го знаат бројот, ниту имаат контакт со социјалните мрежи“, рече д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружение на приватни лекари на Македонија.

Agria

Чолакова Дервишова бара флексибилност од Фондот за здравство во примената на правилниците. Таа вели дека во ваква вонредна ситуација Фондот не смее да ја крати капитацијата на оние лекари кои евентуално би завршиле во карантин, како што е случајот со матичниот лекар од Центар Жупа, кој најмалку 14 дена нема да може да ги опслужува своите две илјади пациенти.

„Ние во вакви ситуации, кога има инфекции, како оваа со коронавирусот, не можеме да ги повикуваме пациењнтите и да правиме превентивни активности. Значи, мора да има флексибилност и во правилникот на превентивните активности од матичните доктори. Бројката мора да се промени бидејќи ова е, сепак, вонредна ситуација. Стоиме на располагање на целокупниот здравствен систем. Секогаш сме биле во првите борбени редови кога имало инфлуенца, кога имало и свински и пилешки грип и САРС и варичели и морбили. Но, во исто време бараме овие здравствени институции да се погрижат за нас, да донесат опрема, бидејќи, на пример, опременоста на матичните лекари во Словенија е многу поголема, за разлика од кај нас, кои сме испуштени од надлежните здравствени институции“, рече Чолакова Дервишова.

Од Министерството за здравство велат дека од појавата на корона вирусот постојано апелираат да не се оди на матичен лекар, а околу средствата за дезинфекција, засега приоритет биле јавните установи.

„Откако мерките се воведени, се препорачува секој да е совесен и да ги следи препораките кои укажуваат да не се оди на матичен лекар, за да се избегнат ситуации во кои тие се ставаат во директен контакт и ризик со можни заболени лица“, велат од Министерството за здравство.

Фондот за здравство не одговори дали ќе им излезе во пресрет на приватните лекари и ќе биде пофлексибилен во однос на примената на правилниците.