Мостот кај Башино Село во Велес, кој изминатиот период функционираше со привремено решение, ќе биде целосно пуштен во употреба во периодот од 21 до 25 јуни. Градежните активности на долниот дел од конструкцијата се во завршна фаза.
Сообраќајницата беше затворена на 3 јануари годинава поради утврдена нестабилност и ризик по безбедноста. За кратко време беше воведено привремено решение со еднонасочно пропуштање преку една лента.
Оштетувањата на конструкцијата се резултат на продор на води од реката Вардар во горните слоеви на столбовите и гредите, што довело до нивна ерозија и загрозување на стабилноста на мостот.
На теренот изврши увид директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, заедно со градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, и деканот на Градежниот факултет, проф. д-р Горан Марковски. Потврдено е дека долниот дел на постојниот мост ќе биде целосно реконструиран во текот на следниот месец.
„ЈПДП распиша тендер и за проектирање на нов мост кој ќе биде направен паралелно со сегашниот мост, со надеж дека до крај на месец јуни ќе го објавиме тендерот за изградба на мостот, кој би траел 60-тина дена, и очекуваме, ако биде сè во најдобар ред, некаде септември да избереме изведувач и да почнеме со градба на новиот мост, со кој трајно ќе се реши проблемот на Општина Велес“, рече денеска директорот Коце Трајановски.
Градоначалникот на Велес, Марко Колев изјави дека во изминатите 15 години бил сведок како се зборува за овој мост дека е во лоша состојба и дека треба да се реконструира или санира.
„Еве после 15 години врз основа на добрата соработка на локалната и централната власт дојдовме до завршување на реконструкцијата, значи некаде за 30тина дена, како што кажа директорот ќе имаме санација на долнииот дел овој мост за да можат граѓаните мирно, спокојно да поминуваат и да не се плашат дека може нешто да се случи“, изјави Марко Колев градоначалник на Велес.
Покрај санацијата, на околу 50 метри од постојната конструкција ќе започне изградба на нов мост кој ќе овозможи трајно решавање на сообраќајниот проблем. Со тоа, граѓаните ќе можат безбедно да ја користат обиколницата, без потреба од влез во централното градско подрачје.
Со пуштањето во функција на стариот и изградбата на новиот мост, Општина Велес прави крупен чекор кон надминување на сообраќајниот предизвик што повеќе од 15 години создава проблеми за локалното население и транзитниот сообраќај.
