Над 660 пријавени спортисти, од кои повеќе од 120 интернационални учесници, ќе бидат дел од годинешното издание на Спортски игри Велес 2025, кое ќе се одржи од 3 до 7 јуни во Градскиот парк, идната недела.
Меѓународниот интерес за настанот е рекорден, а силната спортска програма и организација резултираа со досега невидена мобилизација на клубови, екипи и спортски ентузијасти. Потврден е и настапот на европскиот шампион во одбојка до 21 година, што уште повеќе го засилува престижот на манифестацијата.
Во петте натпреварувачки дена, Велес ќе биде домаќин на натпревари во баскет 3×3, фудбал, тенис, одбојка и teqball, со активности распоредени низ повеќе локации во рамки на Градскиот парк.
Визија што обединува – спорт што инспирира.
Силна порака до јавноста испрати и организаторот Љупчо Црвенпанов, кој е на чело на Спортските игри:
„Со гордост ја најавуваме новата етапа на Спортските игри. Пет дена Велес ќе дише спорт. Овој настан е повеќе од натпреварување – тоа е симбол на заедништво, дух и визија. Посебна благодарност упатуваме до генералниот спонзор VLT, Министерството за спорт и Борко Ристовски, како и Општина Велес, предводена од градоначалникот Марко Колев, кои силно застанаа зад оваа иницијатива и овозможија нејзина реализација.“
Овој настан не би бил целосен доколку не е присутен и спортскиот амбасадор Панче Ќумбев, човекот кој со својата кариера и јавен ангажман е вистински промотор на Велес и Македонија низ целиот свет.
Пренос во живо на четири канали
За преносот на натпреварите и дигиталната видливост е задолжен тимот на Live Streaming Production, кој ќе овозможи директен пренос на четири различни канали, како и отворено студио во живо за време на финалните натпревари, со гости, интервјуа и анализа во реално време.
„Имаме особена чест и одговорност да бидеме дел од еден ваков настан. Ќе направиме сè атмосферата од Велес да допре до секој екран – со коментари, гости, анализа и спортска магија во живо,“ велат раководните лица од Live Streaming Production.
Организаторите и оваа година ги повикуваат сите љубители на спортот, добрата атмосфера и дружењето да бидат дел од ова спортско доживување. Од 3 до 7 јуни, Градскиот парк во Велес ќе понуди пет дена полни со спортски возбудувања, забава, вкусна храна и освежителни пијалоци.