По повод Денот на ослободувањето на Велес, оваа година, групата велешки истражувачи, снимателот Слободан Ѓоргиев, Сашко Ѓоргиев и Борче Јовчевски кои веќе пет децении активно работат на истражување и промоција на природните убавини на Велешкиот регион, добија пофалница од Општина Велес и градоначалникот Марко Колев. Признанието им беше доделено по предлог на Александар Кукулев, како знак на благодарност за нивниот значаен придонес во истражувањето на клисурите на реките Бабуна и Тополка и нивното културно и природно наследство.
Групата се фокусира на клисурите Макаровец и Пешти на реката Бабуна, како и на клисурата на реката Тополка. Нивните активности вклучуваат спелеолошки истражувања и промоција на пештерите и пештерните цркви во овие подрачја. Покрај тоа, активно работат на развојот и промоцијата на алпинизмот во Велес, како и на зачувување на природните богатства на нашиот крај.
Нивниот ангажман вклучува и прстеносување и заштита на загрозените видови птици во клисурите, како и учество во археолошки истражувања во соработка со Народниот музеј од Велес. Целта е да се истражат и заштитат локалните природни и културни вредности, кои ја прават оваа област уникатна.
Сите овие активности и достигнувања може да ги следите преку нивната официјална Фејсбук страна „Клисура Пешати“, каде што редовно се објавуваат фотографии, видеа и документарни филмови кои ја прикажуваат убавината и значењето на овие природни и културни локалитети.