Со цел создавање на почиста и поурбана животна средина, Општина Велес ја започна акцијата за отстранување на хаварисани, приклучни возила и земјоделски машини оставени на јавни површини низ градот. Овој потег е дел од пошироката иницијатива „Чист град 2025!“, која има за цел да ја подигне свеста кај граѓаните и да ја врати урбаната естетика на улиците и маалата.
Првата фаза од акцијата е од превентивен карактер и вклучува директно известување на сопствениците на ваквите возила. Во текот на вчерашниот ден, службите на Општина Велес во координација со Министерството за внатрешни работи – Сектор за внатрешни работи Велес, поставија над 100 известувања на хаварисани возила ширум градот, со што на сопствениците им се дава рок доброволно да ги отстранат истите.
Општина Велес упатува апел до сите граѓани кои имаат запуштени или нефункционални возила оставени на јавен простор, да ги отстранат во најкус можен рок. Со тоа, како што истакнуваат од локалната самоуправа, секој поединец ќе придонесе за поздрава животна средина и поуреден урбан пејзаж.
Во спротивно, со влегување во втората фаза на акцијата, ќе следуваат репресивни мерки. Сите возила кои нема да бидат отстранети доброволно, ќе бидат предмет на санкционирање – со изрекување на глоби од страна на Општина Велес и СВР Велес.
Акцијата „Чист град 2025!“ претставува јасна порака дека грижата за заедничкиот простор е обврска на сите, а одговорноста – неопходен чекор кон поквалитетно секојдневие.