Во пресрет на големиот христијански празник Вознесение Христово – Спасовден, во неделата свечено беше осветен новиот крст во село Бањица, со висина од 12 метри кој се наоѓа во близина на црквата св.Спас. Церемонијата на осветувањето, која се одржа под отворено небо и во молитвено расположение, ја предводеше протоѓакон Влатко Стоименов, епархиски секретар.
Настанот привлече голем број верници, жители на Бањица и нивни потомци, како и гости од околината. Присуствуваше и градоначалникот на општина Чашка, Горан Стојановски, кој ја поздрави иницијативата и ја истакна важноста на крстот како духовен симбол и културно-историска вредност за целиот регион.
Крстот, како симбол на христијанството, претставува вечен знак на жртвата, спасението и бескрајната Божја љубов. Неговото поставување и осветување се доживува како чин на длабока почит кон минатото, но и како надежен поглед кон иднината. Според присутните, оваа духовна обнова ќе биде светилник на заедништвото, моралот и човекољубието во општината.
