Започна четвртото издание на „Спортските игри – Велес“, кое ќе се одржува од 3 до 7 јуни на спортските терени и во Градскиот парк, манифестација што прерасна во препознатлив спортски бренд на градот и пошироко. Оваа година, настанот повторно добива меѓународен карактер, со учество на натпреварувачи од Шпанија, Италија, Србија, Украина и од многу други земји, што дополнително го збогатува неговото значење и влијание.
Настанот има за цел да ја промовира физичката активност, тимската работа и солидарноста преку активно вклучување на млади, спортисти, институции, организации и сите граѓани кои се залагаат за здрав и активен начин на живот.
Под мотото „Пет дена – пет спорта“, следува динамична програма исполнета со натпревари во одбојка на песок, тенис, баскет 3х3, текбол и мал фудбал. Освен спортските дисциплини, предвидени се и низа активности: ден за деца, ден за лица со посебни потреби, крводарителска акција и рагби-работилница.
Преносите од сите спортски натпревари и активности се реализираат од велешката продукција Live Streaming Production, која овозможува гледачите од земјата и странство да го следат настанот во живо и да ја почувствуваат атмосферата на спортскиот дух што владее во Велес.
„Спортските игри – Велес“ и оваа година го надминуваат спортот – тие се симбол на заедништво, инклузија и меѓународна соработка, претворајќи го Велес во центар на позитивна енергија и спортски дух.