Пожарите што го зафатија велешкиот регион изминатите денови се ставени под контрола, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК). Најкритичните точки беа регистрирани кај селата Џидимирци, Крушје и Иванковци, каде пожарите се проширија на отворен простор, предизвикувајќи загриженост кај локалното население.
Благодарение на брзата интервенција на противпожарните служби, припадници на АРМ како и координацијата со ЦУК и локалните власти, огнените линии се ставени под контрола и спречено е нивно понатамошно ширење. Засега нема информации за поголеми материјални штети или повредени лица.
Според последниот извештај на ЦУК, до 7 часот утрово во целата држава се евидентирани вкупно 33 пожари на отворен простор. Од нив, 28 се изгаснати, четири се под контрола – вклучително и велешките, додека еден пожар останува активен кај селото Нивичино во Општина Василево, каде што гори нискостеблеста шума.